Активности

Среда, 15 мај 2019 година

Претседателот Џафери и Делегацијата во посета на Работилницата за демократија 

Во текот на официјалната посета на Република Австрија, Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од претседателот Џафери, придружуван од пратениците Реџаил Исмаили и Мери Лазарова и Генералната секретарка Цветанка Иванова ја посетија работилницата за демократија. Таа е формирана од австрискиот Парламент со цел да ги информира младите луѓе во шест различни интерактивни работилници за основните карактеристики на демократијата и парламентарниот систем. Темите на индивидуалните работилници се подготвени во форма на истражувачки проекти за работа во мали групи според возраста на учесниците. Секоја мала група се занимава со своите теми преку продукција на филм, радио или весник, кои подоцна се објавуваат на веб страница. 

Работилниците имаат за цел да го поттикнат интересот за разбирање на парламентарниот процес, учење на основните принципи на медиумската писменост и изразување на сопственото мислење. 

Во текот на нивните истражувачки проекти, на учесниците им се дава можност да ги интервјуираат вистинските членови на Националниот и Сојузниот Совет за нивната парламентарна работа и лично искуство. Оваа размена им дава увид во законодавниот процес и секојдневните активности на пратениците.

Делегацијата посети една од работилниците, каде претседателот Џафери одговараше на прашање на младите учесници кои се интересираа за неговото мислење за слободата на говорот, за заштитата на човековата околина, за тоа како ја доживува функцијата, итн. 

Австриската страна понуди поддршка за осмислување и спроведување на слични проекти во Собранието на Република Северна Македонија.  

Click