Активности

Среда, 12 декември 2018 година

Презентација на министерот за култура и претседателот на Комисијата за управување со Охридскиот Регион 

На денешната 17. седница на Комисијата за култура, свое обраќање имаа министерот за култура, Асаф Адеми и претседателот на Комисијата за управување со Охридскиот Регион, Зоран Павлов, за нивната работа и активностите околу управувањето со Охридскиот Регион и состојбите со природното и културното наследство.

Комисијата за култура ја свика оваа седница согласно заклучоците од надзорната расправа на тема: Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и сродната законска регулатива во контекст на Коненцијата на УНЕСКО, каде што е предвидено дека министерот и претседателот на Комисијата ќе реферираат пред Комисијата за култура за преземените активности.

Министерот за култура даде информации за реализираните и тековните активности поврзани со подготовката и доставувањето на Извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките од Одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, усвоен од страна на Владата на Република Македонија на нејзината 105. седница и доставен до Центарот за светско наследство.

Во Извештајот стои дека интензивно се работело на ревизија, односно подготовка на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион, ревизија на Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и Стратегиска оцена за влијанието на животната средина за План за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион (2018 - 2027).

Во дискусијата учествуваа голем број пратеници, при што беше нагласено дека зачувувањето на интегритетот и автентичноста на природното и културното наследство на Охридскиот Регион останува приоритет на агендата на Комисијата за култура, како дел од обврската за вршење на парламентарен надзор врз работата на извршната власт.

Click