Активности

Среда, 13 февруари 2019 година

Презентиран Извештајот за степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница 

Комисијата за економски прашања денеска оствари работен состанок со директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач.

Средбата ја отвори претседателот на Комисијата, Горан Милески, а пред присутните членови и пратеници беше презентиран Извештајот за степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во Република Македонија, од страна на директорот Копач.

Копач упати честитки за направениот чекор напред во изминатиов период и дека сега е време за концентрирање на важните реформи. Тој посочи дека земјата бележи напредок во однос на имплементација на Акито, по усвојување на Законот за енергетика минатата година.

Во годишниот извештај за степенот на имплементацијата на законодавството, Копач се осврна на неколку точки: балансирање на пазарот, одвојување на сопственоста кај одредени претпријатија, отсуството на извршните активности во енергетскиот сектор, имплементација на законот за нафтени резерви, употребата на биогоривата во транспортот и негова одржливост, како и многу други теми кои сè уште остануваат предизвик на политичарите и треба да се вложат повеќе напори за нивна имплементација. 

Во однос на обновливите извори на енергија, нотирано е дека се искористени само 18%, што не го постигнува и така намалениот таргет од 23%, во однос на финалната потрошувачка на енергија, а Македонија има определено 42 милиони евра, највисок буџет во Регионот за финансирање и спроведување на обновливите извори на енергија.

Новиот нацрт-закон за енергетска ефикасност во соработка со енергетската заедница, се очекува во текот на февруари да биде јавно разгледан и усвоен наскоро.

Во однос на животната средина, законите се во ред, но проблемот е во нивната имплементација, квалитетот на воздухот останува голем проблем во Македонија, каде голем удел имаат електраните на согорување и сообраќајот, очекувањата се дека новиот национален акциски план на емисиите на јаглен ќе ги опфати овие прашања. 

Пратениците истакнаа дека за прв пат се зборува за напредок на Македонија во енергетскиот сектор, кој во минатото бил закочен, а е резултат на усвојување на Законот за енергетика од страна на Собранието. 

Воедно се согласија во Собранието да биде организирана надзорна расправа со цел да се направи сеопфатна анализа и утврди недоследноста, во степенот на имплементација на законодавството на Енергетската заедница во нашата земја, а на која ќе бидат поканети сите засегнати страни.

Click