Активности

Петок, 1 ноември 2019 година

Промовиран Прирачник за Меѓународното хуманитарно право за пратеници

Денеска во Собранието се одржа настан за промоција на Прирачник за Меѓународното хуманитарно право (МХП) за пратеници.

Настанот со воведно обраќање го отвори генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, кој зборуваше за Црвениот крст и промоцијата на МХП, кое често се нарекува „воено право“ или „право на воените конфликти“. Притоа, тој истакна дека нашата земја е на завидно ниво во имплементацијата на Договорите од МХП, но има можност за напредување. На крајот изрази благодарност за настанот во насока на унапредување на меѓународните правни норми во нашата земја.

Во продолжение, свое обраќање имаше претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој истакна дека Меѓународниот црвен крст е значаен чинител во прифаќањето, остварувањето и заштитата на системот за контрола на МХП. „Државата има обврска да го промовира Меѓународното хуманитарно право“ – заклучи претседателот Џафери.

Пред присутните се обрати и Неда Дојчиновиќ од Меѓународниот комитет на Црвениот Крст (МКЦК), која го претстави Прирачникот како резултат на заедничката работа на Интерпарламентарната унија (ИПУ) и МКЦК. Притоа, информираше дека се поминати 70 години од донесувањето на 4 Женевски конвенции, кои имаат за цел, на некој начин, да го заштитат човештвото и коишто го имаат отворено патот за усвојување и на други документи со цел поголема заштита на жртвите и ограничување на средствата кои се користат во воени судири.

Ажурираниот Прирачник содржи пет дела, од кои првиот дава општ преглед на МХП, кое ги регулира односите меѓу државите, меѓународните организации и другите субјекти, согласно меѓународното право во време на вооружен судир. Се состои од правила за заштита на луѓето кои не се дел или повеќе не учествуваат во непријателствата и ограничување на средствата и методите на војување.

Вториот дел е целосно посветен на улогата на пратениците во спроведувањето на МХП, за мерките кои тие треба да ги имаат предвид за да го подобрат почитувањето на истото од страна на државите. Пратениците имаат клучна улога во процесот со кој државата станува потписник на меѓународни спогодби и во националното спроведување на правилата и принципите што тие ги отелотворуваат.

Во третиот дел на Прирачникот се содржат клучните прашања при вооружените судири, почнувајќи од актите на тероризам до сексуално насилство и од употреба на нови технологии до заштита на лични податоци на жртвите на вооружените судири.

Четвртиот дел, пак, обезбедува модел-инструменти и референтни материјали кои можат да им помогнат на пратениците во напорите нивната земја да ги испочитува спогодбите согласно МХП и да ја спроведува законодавната работа која е неопходна за правилно спроведување и примена на истите во земјата.

Во последниот, петти дел од Прирачникот, подетално се опишува работата на ИПУ и на МКЦК.

Жртвите на војната ширум светот се секојдневен потсетник дека одговорноста да се заштитат најранливите луѓе и да се стави крај на човечкото страдање, е колективна должност. Голема е моќта на парламентите во светот да влијаат врз глобалните промени преку преземање на индивидуална акција, а токму овој Прирачник има за цел да им помогне да ја искористат таа моќ за да ги преземат неопходните чекори.

Click