Активности

Среда, 31 јули 2019 година

Проштална средба на претседателот Џафери со амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е.Г. Матс Стафансон

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, денес оствари проштална средба со амбасадорот на Кралството Шведска, Н.Е. Матс Стафансон. Претседателот изрази благодарност за  работата на амбасадата на Кралството Шведска, која и во текот на мандатот на амбасадорот Стафансон значајно придонесе за развој и унапредување на односите меѓу двете држави и даде силна поддршка на евроатланската интеграција на Република Северна Македонија. Тој ја оцени официјалната посета на Кралството Шведска, реализирана во ноември 2017 година како уште една потврда на добрите политичките односи меѓу двете држави и во таа насока, ја повтори отворената покана до претседателот на Шведскиот парламент за возвратна посета на Република Северна Македонија во блиска иднина.

Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните случувања на политичката сцена, за законите кои во текот на наредниот период ќе се разгледуваат на пленарна седница а амбасадорот Стафансон ја потенцираше важноста од постигнување на усогласени ставови меѓу власта и опозицијата во однос на Законот за јавно обвинителство, како еден од важните услови за доделување на датум за отпочнување на преговорите на нашата држава за членство во Европската унија. Евроатланската интеграција е консензуална стратешка цел на земјата и силен мотив за спроведување на реформите, а позитивната одлука во октомври би имала големо позитивно влијание и на регионот, оценија соговорниците.

На крај, претседателот Џафери му подари на амбасадорот Стафансон Признание за неговата професионалност и посветеност и му посака успех во идните предизвици. 

Click