Активности

Четврток, 27 септември 2018 година

Првиот парламентарен состав „ЗА“ референдумот на 30 септември

Членови од првиот парламентарен состав, на прес-конференција во Собранието на Република Македонија, ги повикаа граѓаните да излезат на 30 септември и да го направат вистинскиот чекор во вистинско време.

Поранешниот пратеник Алил Џаферовски нагласи дека 30 септември не треба да се пропушти.

„Ние веруваме дека вистинската одлука на 30 септември, е да се излезе на референдумот и да се гласа ЗА. Ве повикуваме оттука, од Македонија, да верувате и вие, и заедно со нас да излезете на гласање и да заокружите ЗА. Уште еднаш, Македонија да направи вистински чекор во вистинско време“, рече Џаферовски.

Првиот претседател на Собранието, Стојан Андов, рече: „Сите други работи, сите други филозофии кои не сфатиле оти единството ни е единствен излез за нас, фактички претставуваат обиди да се разбие единството кое е создадено за оваа европска идеја.“

Дипломатот и поранешен пратеник Мухамед Халили, оцени дека 30 септември е поинаква ситуација од онаа во 90-тите.

„Имаме кредибилно право да ги повикаме сите граѓани на Македонија кои и покрај разликите што ги имаат, да гласаат за просперитетна, демократска и економски силна Македонија. Тоа се прави само со вклучување во демократските процеси во ЕУ и НАТО“, додаде Мухамед Халили.

Од своја страна, Михаил Пановски изрази убедување дека ваков договор Македонија не може да добие и нема друга алтернатива.

Меѓу поранешните пратеници на прес-конференцијата беа и: Петар Гошев, Тито Петковски, Васил Зимбаков, Насер Зибери, Мухамед Халили, Димитар Трпеноски, Исмет Рамадани, Ѓулистана Марковска, Славе Наумовски и други.

Присутните членови од првиот парламентарен состав изразија надеж дека излезноста на референдумот в недела ќе биде голема и дека истиот ќе помине во демократска атмосфера.

Click