Активности

Четврток, 24 јануари 2019 година

ПССЕ за посилни правила за спроведување на референдум и што појасно референдумско прашање

Бетиан Китев, шеф и Шпреса Хадри, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија учествуваат во работата на јануарската сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа. 

На сесијата Лимиан Маури Паскоер беше реизбрана за претседател на Парламентарното Собрание. На сесијата, исто така, беа избрани и потпретседателите. 

На дискусијата за надградување на насоките за обезбедување фер референдуми во земјите членки на Советот на Европа, каде што Парламентарното Собрание на Советот на Европа повика за посилни правила за спроведување на референдум и што појасно референдумско прашање, Китев, се осврна на референдумот како значаен инструмент на директна демократија во светот на развиената посредна демократија. 

Китев се осврна на предностите но и на негативностите на овој инструмент. Тој оцени дека референдумите се популарни во рамките на европските земји бидејки секогаш кога станува збор за многу важно прашање сосема е природно одлуката да им се остави на граѓаните. 

Тој зборуваше и за потешкотиите поврзани за организирање на референдумот како што е одлуката само со  'да' или 'не', можното нејасно прашање, недоволниот одзив итн. Сепак, според Китев, најпрво треба да одредиме што е тоа фер во денешните демократии со различни изборни модели, продолжувајќи дека прво треба да се одговори на прашањето дали можеме да обезбедиме исто стандарди кои би важеле за сите земји членки на Советот и дали можеме да го имплементираме истиот стандард кај сите нив. 

Тимо Соини, министер за надворешни работи на Финска во својство на известувач, претставувајќи го коминикето на Комитетот на министрите смета дека треба да постои ефективна мултилатерална соработка за превенција на нестабилноста и конфликтите. 

Во рамките на сесијата се дебатираше и за слободата на медиумите како услов за демократски избори. Во оваа дебата Китев рече дека изборите се основа на демократијата, но демократски избори се невозможни без слободни медиуми. Тој подвлече дека медиумите играат клучна улога во изборниот процес. Тие, од една страна, ги едуцираат и информираат граѓаните за различните приоритети и програми на политичките партии учесници во процесот а, од друга страна, играат улога на чувар на изборниот процес.

Китев, му постави прашање и на финскиот претседател, кој му се обрати на Собранието. Тој го праша каква е позицијата на Финска во однос на процесот на проширувањето на ЕУ и дали регионот на Западен Балкан може да смета на поддршката од неговата земја.

Одговорот на финскиот претседател беше дека Финска и до сега го има поддржано процесот на проширувањето, но треба да имаме предвид дека ЕУ денеска има многу проблеми и ја губи нејзината важност. Ова, според него, произлегува од неможноста за постигнување компромис. Тој оцени и дека проширување на нешто што првин треба да се поправи е своевиден парадокс.

Китев учествуваше и на дебатата за малцинските права при што истакна дека оваа прашање е посебно важно имајќи го предвид развојот на државата во глобалниот свет. Иницијалниот концепт држава-нација почнува да слабее во услови на растечката глобализација. Китев понатаму рече дека малцинските права се есенцијални за оние кои сакаат да ги сочуваат и развиваат вредностите и обичаите на својата заедница но, подвлече тој, почитувањето на малцинските права мора да го сочува суверенитетот и територијалниот интегритет на државата.

На маргините на Парламентарното собрание, нашата делегација оствари средба и со претставници на италијанската делегација во Парламентарното Собрание. На средбата се зборуваше за можностите за развој на билатералните парламентарни односи меѓу двете земји и размена на посети на групите за пријателство на двата парламента.

Click