Активности

Четврток, 24 јануари 2019 година

Работен состанок на Интерпартиската  парламентарна група за правата на Ромите 

Во Собранието на Република Македонија, вчера се одржа работен состанок на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија во која членуваат пратеници од различни политички партии. 

На работниот состанок присуствуваа членовите на Парламентарната група, пратениците: Самка Ибраимоски, Диме Велковски, Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Енес Ибрахим, Агим Муртезанов, Мирсада Емини Асани,Славица Шуманска- Митева  и Јулиана Николова, како и пратениците Трајчо Димков и Рубин Земон.

Координаторот на Интерпартиската парламентарната група, Самка Ибраимоски  даде презентација и образложение на Предлог Декларацијата за промени за добробит на Ромите во Република Македонија и говореше за целите и приоритетите на работата на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија. Тој изјави дека очекува по прифаќање на поднесената Декларација од страна на членовите на Интерпартиската парламентарна група, истата да се достави до Собранието на усвојување, за потоа да се испрати до Советот на Европа, Парламентот на Европската Унија, ОБСЕ и Обединетите Нации.

Присутните пратеници изразија голема поддршка на Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија и во своите  обраќања се задржаа на предлагање конкретни начини за промовирање и поголема видливост и оперативност на  групата. Заеднички констатираа дека  е потребно членовите на оваа група, а секако и другите пратеници да се издигнат над партиските интереси и без оглед на политичката провиниенција од која доаѓаат, да се здружат и да направат  нешто што е за општото добро  на граѓаните од ромската етничка заедница. Во овој контекст, пратеникот Трајчо Димков изјави дека Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ дава  поддршка на Интерпартиска парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија и наскоро активно ќе се вклучи во нејзината работа со свои пратеници.

Пратениците дискутираа за недоволната интегрираност на Ромите во општеството, за нискиот степен на вклученост во образовниот процес, за недоволната покриеност од страна на здравствениот сектор и други неповолности кои негативно влијаат врз нивната економска и општа благосостојба. Пратениците беа единствени дека иако се прават напори за  подобрување на ситуацијата, и се носат квалитетни закони, се менуваат и дополнуваат закони со кои се санкционира ова прашање, сепак,  треба со заеднички сили големо  ангажирање  во насока на вршење надзор врз имплементацијата, односно спроведувањето на тие закони.      

Во однос на содржината на Предлог Декларацијата за промени за добробит на Ромите во Република Македонија, присутните пратеници имаа предлози за допрецизирање на текстот на Предлог Декларацијата, особено децидно набројување на сите домашни и меѓународни документи од областа на човековите права и положбата на Ромите, предлози за  подобрување на текстот во смисла на подобра наративност, недвосмисленост на некои изрази особено оние кои се тешко разбирливи за пошироката јавност, одмерена употреба на некои зборови , доуредување и слично.

Координаторот на Парламентарната група, Ибраимоски, заклучи во Предлог Декларацијата да се внесат дадените предлози и забелешки и Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Македонија набрзо повторно да се состане.




Click