Активности

Вторник, 22 октомври 2019 година

Работилница за родово сензитивни парламенти

Делегација на Собранието на Република Северна Македонијa, составена од членови на Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, во рамките на проектот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за демократски реформи и институционално јакнење на Собранието, учествуваше на билатерална работилница на тема: „Кон родово сензитивни парламенти во Република Албанија и Република Северна Македонија“, која се одржа од 18 до 20 октомври 2019 во Поградец, Република Албанија. 

На билатералната работилница учествуваа: претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи; пратениците: Снежана Калевска-Ванчева, Мирсада Емини-Асани, Теута Биљали, Лилјана Кузмановска, Крсто Јовановски, Емилија Александрова, Соња Мираковска, Арта Точи, Мерал Узеири-Ферати, Фадил Зендели, Зеќир Рамчиловиќ, Сурија Рашиди, Татјана Прентовиќ и Aгим Муртезанов; генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова и вработени во службата на Собранието.

Поздравно обраќање на Работилницата имаше претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи. Таа изрази задоволство што оваа работилница беше иницирана токму од говорницата на Собранието на Република Северна Македонија во рамките на Регионалната конференција на жени парламентарки организирана од Клубот.

„Двете држави бележат голем напредок во отстранувањето на формалните бариери за учество на жените во политиката, како и други мерки за подигнување на свеста. Како резултат на тоа, Собранието на Република Северна Македонија се наоѓа на високото петто место во редот на 57 земји членки на ОБСЕ, а веќе има сериозни заложби за зголемување на квотата, како и зголемување на учеството на жените во локалната и извршната власт“, истакна Касапи.

Во своето обраќање, како заменик-член на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, пратеничката Лилјана Кузмановска рече дека Собранието има континуитет во креирањето и спроведувањето на родовите политики. Таа сподели искуство од иницирањето на родовото сензитивниот буџет како советничка во Општина Битола. Како особено значајни достигнувања на Кoмисијата, и особено на државата, во спроведувањето на родовите политики, ги наведе воведувањето на загарантираните квоти во Изборниот законик, донесувањето на првиот Закон за еднакви можности на жените и мажите, донесувањето на Стретегијата за родова еднаквост и нејзиното следење, усвојувањето на новата подобрена законска регулатива за спречување и заштита од дискриминација и за прекинување на бременоста, ратификацијата на Истанбулската конвенција и соработката на Клубот на пратенички и граѓанските организации од оваа област.

Во панел-дискусијата „Како до институционализација на родово сензитивни парламенти – научени лекции“, свое обраќање имаше генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, која изрази благодарност за можноста пратеници од двете земји да разменат искуства на оваа тема. Притоа, извести дека во април годинава Собранието спроведе самопроценка за родова сензитивност преку алатката на Европскиот институт за родова еднаквост.

„Во овој пратенички мандат имаме една жена потпретседателка на Собранието, 7 жени се претседателки на собраниски комисии, а 9 се заменички на претседатели. Во Собраниската служба 2/3 од вработените се жени, вклучително и мнозинството раководители, односно 59% се жени“, информираше Иванова.

Освен родово споделената статистика, како предизвици кои му престојат на Собранието, ги истакна воведувањето родово сензитивни процедури, јазик и буџет, како и родово балансиран состав на работните тела.

Во рамките на Работилницата, делегациите имаа можност да се запознаат со родово сензитивни процедури и услови за работа преку искуства споделени од генералната секретарка од Словенија и експертки од Финска и Шведска. Воедно, беше разгледан и Нацрт-планот за родово сензитивно Собрание. 

Click