Активности

Среда, 2 октомври 2019 година

Работилница за улогата на Собранието во извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права

Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на НДИ во Скопје и нивните програми и проекти за поддршка на демократските реформи и институционално зајакнување на Собранието, денес организираше  еднодневна работилница на тема „Улогата на Собранието на Република Северна Македонија во извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права“.

На оваа работилница, исто така, учествуваа и членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, претседателката на  Законодавна-правната комисија, вработени во стручната служба на Собранието, како и претставник на Народниот правобранител.

Со свои поздравни обраќања, Работилницата ја отворија Фадил Зендели, претседател на Постојаната анкетна комисија за правата на човекот и граѓанинот и Крис Хеншоу, директор на НДИ, истакнувајќи ја важната улога што законодавниот дом ја има во унапредување на човековите права преку својата законодавна и надзорна функција.

Дарко Павловски, национален правен офицер од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го претстави системот на заштита на човекови права воспоставен при Советот на Европа и даде воведни и општи напомени за Европската конвенција за човекови права, додека Даница Станојевиќ-Џонова, директорка на Бирото за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, се осврна на институционална поставеност и предизвици во извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Работилницата заврши со презентација на компаративни искуства од земјите на ЕУ за институционалната поставеност за извршување и мониторинг на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права и дискусија за перспективите и можностите за зајакнување на улогата на Собранието во извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Северна Македонија. 

Click