Активности

Среда, 16 октомври 2019 година

Разгледан Финансискиот план на МРТ

Комисијата за транспорт, врски и екологија на првото продолжение од вчерашната 39. седница, како матично работно тело, го разгледа Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија за 2019 година.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио телевизија, присуствуваше и го образложи Финансискиот план заменик-претседателот на Програмскиот совет, Ведат Мемедалија.

Во дискусијата, покрај него, учествуваа и пратениците: Реџаиљ Исмаили, Зоран Илиоски, Костадин Ацевски, Јусуф Хасани, Благоја Деспотоски и Лилјана Затуроска.

Членот на Комисијата, Реџаиљ Исмаили, во својата дискусија се осврна на 24-часовната програма на албански јазик, упатувајќи прашање кога ќе започне да се почитува Законот, односно кога ќе започне емитување на програмата, затоа што четири години откако е донесен истиот, сѐ уште не се применува. Потоа пратеникот се осврна на долговите кои ги има МРТ. Заменик-претседателот Мемедалија одговори дека Одлуката е донесена во 2017 година, Советот е подготвен, но претходно мора да биде усвоена систематизацијата.

Од своја страна, пратеникот Зоран Илиоски потсети дека опозицијата била против менувањето на Законот и укинувањето на радиодифузната такса, од причина што финансирањето се префрлало од Буџетот и затоа ефектите на таа грешна политика се гледаат. Прво, како што укажа Илиоски, финансирањето на МРТ е зависно од министерот за финансии, Управата за јавни приходи или од премиерот, второ, финансирањето се одразува на моќта и развојот на Јавното радиодифузно претпријатие во правилна насока. 

Членот на Комисијата, Костадин Ацевски, ги посочи ненаплатените средства спрема Јавното радиодифузно претпријатие, од 2013 година до денес, а тоа се над 45 милиони евра. Во однос на укинувањето на радиодифузната такса, истакна дека тоа било направено поради тоа што тие приходи никогаш не биле редовни и предвидливи и како последица на тоа се создавале долговите. Укажа и дека денес, секој месец, по автоматизам, МРТ ги добива предвидените средства. Пратеникот потсети дека Законот е донесен откако веќе бил предвиден Буџетот и затоа предвидениот процент за 2019 година не можел да биде реализиран, но затоа процентот за претходната година е редовно реализиран.

Заменик-членот на Комисијата, Јусуф Хасани, беше заинтересиран до каде е програмата на другите етнички заедници коишто се под 20%, а тоа се турската, ромската, српската, влашката заедница, односно до каде е финансискиот план и проектот во таа насока. Заменик-претседателот Мемедалија одговори дека со отпочнувањето на 24-часовната програма, треба да почне со работа и програмата за другите етнички заедници.

Членот Благоја Деспотоски истакна дека е потребно да се изработи програма за санација на финансиската состојба за МРТ, а да се однесува на предлозите коишто би понудиле излез од настанатата криза. Тој укажа и дека е потребно да се изработи Закон за МРТ по европски терк и запраша дали средствата кои се уплаќаат од Буџетот се доволни за функционирање.

Претседателката на Комисијата, Лилјана Затуроска, информираше дека во Регионот е во тек Проект за јавни медиумски сервиси на Западен Балкан, каде што учествувале Македонската радио телевизија, Агенцијата за аудио и аудивизуелни медиумски услуги и претставници од Собранието. Потпишан е документ за заеднички принципи на финансирање на медиумските сервиси, а предмет на дискусија биле законските механизими за безбеден финансиски импакт. Се дискутирало за ново законско решение коешто би било lex specialis за МРТ, затоа што покрај законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, се предвидува менување на повеќе закони за подобро функционирање на МРТ.

  • Комисијата со 3 гласа „за“, 4 „против“ и еден „воздржан“ не го усвои предложениот Заклучок - Собранието да ја донесе Одлуката за одобрување на Финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио и телевизија за 2019 година.
Click