Активности

Четврток, 14 март 2019 година

Разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пасиштата

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Северна Македонија, на денешната 20. седница, како матично работно тело, во скратена постапка, го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за пасиштата, поднесен од пратениците Татјана Прентовиќ и Реџаиљ Исмаили.

Претседателот на Комисијата, Љупчо Димовски, ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, нема поднесено амандмани по Предлогот на законот.

Пратеничката Прентовиќ, како претставник на предлагачите, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Во дискусијата по Предлог-законот, покрај Димовски и Прентовиќ, учествуваше и пратеничката Мира Стојчевска.

Пратениците искажаа позитивен став во однос на донесување на предложеното законско решение. Пратеничката Мира Стојчевска искажа воздржан став, потенцирајќи го членот 5 со кој се додава нов член 7-д по членот 7-г, изразувајќи дилема во однос на површините кои се водат на приватни сопственици и имаат површина помалку од 50 хектари. Сопствениците во ваков случај нема да дозволат да се даде површина повеќе од 50 хектари и би имало реакција, а исто така тоа би довело и до неуспешен јавен оглас.

По расправата, Комисијата го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието на Република Северна Македонија.