Активности

Среда, 12 декември 2018 година

Разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на денешната 17. седница, како матично работно тело, во прво читање го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, поднесен од пратеничките: Маја Морачанин, Лилјана Поповска, Никица Корубин, Ирена Стефоска, Ивана Туфегџиќ, Милева Ѓоргиева, Шпреса Хадри, Мирсада Емини-Асани и Снежана Калеска-Ванчева.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваа Благе Цветковиќ, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство; Зоран Атанасов, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство и Благојче Веселиновски, советник од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во образложението по Предлог-законот, како претставник на предлагачите, пратеничката Маја Морачанин ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот.

Во дискусијата учествуваа пратениците: Лилјана Поповска, Диме Велковски, Татјана Прентовиќ, Жаклина Пешевска и Маја Морачанин, како и директорот Атанасов.

Пратеничката Поповска во својата дискусија нагласи дека предлог-законските решенија се фокусирани на потребата од намалување на уличните незгрижени кучиња преку кастрација и ефикасна контрола. Воедно, ја истакна потребата од чекирање на домашните миленичиња со оглед на фактот дека тоа е одлична контрола. Дискутираше и за злоупотребата на кучињата којашто придонесува за настанатата хаотичната состојба. 

Пратеникот Велковски посочи дека проблемот со кучињата со закон не може да се реши веднаш, но ја истакна потребата за решавање на конкретниот проблем со миленичињата. Изрази сомнеж во делот на предложените законски решенија во однос на кастрацијата на миленичињата, но и задоволство во делот на чипирањето и добивањето на пасоши за миленичињата. Заклучи дека иако ова е добар Предлог-закон, истиот треба да се доработи.

Од своја страна, пратеничката Прентовиќ даде поддршка за иницијативата на пратениците и заложбата на Агенцијата за чипирање на миленичињата. Целта на предлагачите е јасна, но мора да се почитува и мислењето на Агенцијата за храна и ветеринарство дека за краток период следи ново предлог-законско решение, рече Прентовиќ.

Пратеничката Пешевска истакна дека проблемот со размножувањето на кучињата треба да биде приоритет, затоа што безбедноста на граѓаните е загрозена. Укажа дека треба да се намалат цените за стерилизација на миленичињата и да се направи корекција на цените за казните.

Во овој контекст, Морачанин дообјасни дека предлагачите на ова законско решение размислувале во однос на глобите и нивното зголемување, како и тоа дека одгледувањето на домашен миленик не е приоритет и егзистенцијално прашање за граѓаните. Посочи дека е потребно поодговорно сопствеништво на сопствениците на миленичиња.

Директорот Атанасов даде објаснување на она што Агенцијата го има сработено во последниот период, а тоа е набавка на чипови и нивно бесплатно доделување на сопствениците, соработка со ветеринарните друштва, дека се спроведени бројни обуки за менаџирање на прифатилиштата, зголемен е број на прифатилишта, воспоставена е постојана комуникација со ЗЕЛС. Воедно, укажа и дека проблемот не може да се реши само со кастрација на животните. Поддржувајќи ја потребата од донесувањето, истакна дека Предлог-законот мора да се доработи. Исто така, додаде дека Предлог-законот регулира и други одредби и истиот е поставен на Националниот електронски регистар на прописи - ЕНЕР.

На крајот Комисијата со 4 гласа „против“ и 3 „воздржани“ заклучи дека овој Предлог-закон, согласно член 142, став 1 од Деловникот на Собранието, не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

Click