Активности

Понеделник, 18 март 2019 година

Реформата во безбедносниот сектор важна во пристапувањето кон ЕУ и НАТО 

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија на денешната 36. седница, одржа Јавна расправа за Предлогот на законот за Агенција за национална безбедност и Предлогот на законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија.

На Јавната расправа зедоа учество претставници од различни организации, институции, експерти од областа на одбраната и безбедноста, кои дадоа свои мислења и ставови во однос на прашањата за безбедноста и предложените законски измени.

Претседателот на Комисијата, Хари Локвенец, во своето воведно обраќање посочи дека овие реформи се исклучително важни за нашиот пат кон ЕУ и НАТО, но и за нас самите. Целта е зголемување на довербата на граѓаните во институциите, безбедноста е тема која допира до огромен број на граѓани, во севкупното и секојдневно функционирање.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во улога на предлагач, ги образложи предложените законски решенија, воедно посочи дека оваа јавна расправа е можност да се разгледаат сите одредби од законот, да се дискутира за нив и да се разрешат дилемите. Тој потсети дека изминатиов период се одржани низа работни средби со различни чинители на кои се дискутирале овие Предлог-закони. 

Спасовски ја истакна важноста на реформата во безбедносниот сектор од аспект на пристапувањето на земјата кон ЕУ и НАТО, преку законската регулација, контрола и надзорот, а со тоа ќе се стават основите на модерната, професионална и развиена служба на новата Агенција за национална безбедност.

Што се однесува на Предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со него ќе се регулира начинот на координација на безбедносно-разузнавачките служби во државата.

Потпретседателката на Собранието, Фросина Ташевска-Ременски, го поздрави учеството на собраниски комисии во контрола и надзор над безбедносно-разузнавачките институции, а прашањето за финансирање на Агенцијата за национална безбедност, повика да се доуреди. 

Во дебатата експерти од областа на одбраната и безбедноста дадоа низа препораки и сугестии, со кои преку амандмани би можело да се допрецизираат и уредат законските решенија. Повикаа на дефинирање на прашањето за национална безбедност, измени во концептот на Советот за координација, вклучување на БЈБ и Управата за разузнавање и финансиска полиција како нови членови на Советот, измени во начинот на избор на генерален секретар и службата на Агенцијата, усогласување на законската методологијата или носење на еден закон за интегрална безбедност.

Со цел департизација и професионализација на службата, тие побараа, покрај нивната стручна подготвеност, да бидат вклучени и во изработка на нивни континуирани обуки, со цел да одговорат на сензитивните предизвици.

Click