Активности

Понеделник, 25 јуни 2018 година

Регионалната соработка е основа за зацврстување на мирот и довербата во Регионот на Југоисточна Европа

Во организација на РАКВИАК-Центарот за безбедност и соработка, Собранието на Република Македонија и ДКАФ-Центарот за демократска контрола на вооружените сили, а со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Македонија, во периодот 24-26 Јуни 2018 година, во Собранието на Република Македонија, се одржува Годишна средба на претставниците на Комисиите за одбрана и безбедност на земјите од Југоисточна Европа. 

Целта на настанот е да се даде широк преглед на добрите практики и механизми во работата на Комисиите за одбрана и безбедност, насочувајќи ја дискусијата кон парламентарните процедури, предизвиците и надзорните механизми во областа на одбраната и  безбедноста.

На настанот присуствуваат Делегации од Парламентите на земјите од Југоисточна Еворпа, претставници од РАКВИАК, ДКАФ, Мисијата на ЕУ во РМ, Мисијата на ОБСЕ во РМ, НАТО-канцеларијата во Скопје, Факултетот за безбедност - Скопје, Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ - Скопје, невладини организации, министерства и амбасади.   

Воведно обраќање имаа претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, г. Хари Локвенец, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, амбасадорот на РАКВИАК, г. Хајдар Берк и министерката за одбрана на Република Македонија, г-ѓа Радмила Шеќеринска. 

Господин Хари Локвенец истакна дека Република Македонија е безрезервно посветена на промовирање на регионалната соработка, разбирање, доверба и градење на односи на добрососедство, безбедност и стабилност. Иницијативите за регионална соработка, особено во областа на безбедноста и одбраната, повеќе од кога било досега, претставуваат основа за зацврстување на мирот и довербата во Регионот на Југоисточна Европа.

Во своето обраќање, г. Талат Џафери го поздрави настанот и им се заблагодари на организаторите за соработката, истакнувајќи дека очекува во наредните два дена да се дадат многу нови идеи, размислувања и позитивни практики кога станува збор за парламентарната контрола врз вооружените и безбедносните системи, што е една од основните вредности на секое демократско општество и правна држава.

Господин Хајдар Берк истакна дека моменталната безбедносна ситуација во Југоисточна Европа ја карактеризираат комплексните транзициски процеси во регионот, проследени со нерешени внатрешни политички прашања, внатрешни меѓуетнички тензии, економски и социјални потешкотии, корупција, слаби државни институции, како и недостаток на консензус меѓу членството во евроатланските интеграции. Во таа насока, овој настан преставува добра можност на учесниците за размена на мислења и идеи во однос на моменталните безбедносни предизвици.

Министерката Радмила Шеќеринска истакна дека Владата на Република Македонија дава висок приоритет на регионалната стабилност, глобалниот мир и безбедност. Во тој конктекст, нашата земја силно ги поддржува и активно е вклучена во сите регионални иницијативи и регионални центри во чии рамки активно се работи на унапредување регионалната одбранбена соработка. Заемната соработка е клучен инструмент во постигнувањето на зедничките цели.

Click