Активности

Понеделник, 19 март 2018 година

Седма седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на денешната 7. седница, како матично работно тело, ги разгледа:

  1. Предлог-законот за изменување и дополнување на Закон за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој - II читање (поднесен од: Ејуп Аљими, Јован Митрески, Диме Велковски, Татјана Прентовиќ);
  2. Предлог-законот за изменување на Закон за основање на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството - II читање (поднесен од: Ејуп Аљими, Јован Митрески, Диме Велковски, Татјана Прентовиќ);
  3. Предлог-законот за изменување на Законот за безбедност на храната - II читање (поднесен од: Ејуп Аљими, Јован Митрески, Диме Велковски, Татјана Прентовиќ);
  4. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија - I читање.

На седницата на Комисијата, во својство на претставник на Владата на Република Македонија, присуствуваше г. Благе Цветковиќ, заменик на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Претседавачката на Комисијата, пратеничката Татјана Прентовиќ ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, се поднесени два амандмани по Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Со по 6 гласа „за“ и ниеден „против“, Комисијата ги усвои истите и го проследи овој Предлог-закон на натамошна постапка во Собранието.

Во однос на Предлогот на законот за изменување на Законот за основање на Агенција за поттикнување на развојот на земјоделството и Предлогот на законот за изменување на Законот за безбедност на храната, претседавачката Прентовиќ ги извести пратениците дека во определениот рок утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, не се поднесени амандмани по овие Предлог-закони и истите, без дискусија, Комисијата го проследи на натамошна постапка во Собранието. 

По Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија, претставникот на Владата ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. Комисијата, со 6 гласа „за“ и без  гласови „против“ го усвои следниот заклучок:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија (прво читање) и оцени дека Предлогот на  законот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click