Активности

Четврток, 13 септември 2018 година

Секоја одлука на 30 септември ќе биде ценета како што е ценето и пријателството на САД со Република Македонија 

Координаторите на Пратеничките групи и пратеници на Собранието на Република Македонија, остварија средба со помошник-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Вес Мичел, во чија придружба беа и американскиот амбасадор Џес Бејли и претставници од Амбасадата на САД.

Пратеничката Соња Мираковска, како претседавачка со средбата, изрази благодарност за посетата и поддршката во клучни моменти за Република Македонија, кога треба да се решава за прашање со емоционален призвук.

Американскиот помошник-државен секретар Мичел пројави интерес за претстојниот референдум, ставовите на политичките партии, на граѓаните и посебно на младите во врска со ова прашање. Притоа, тој ја изрази свесноста за тежината и сензитивноста на Преспанскиот договор, кој како и сите договори, не може да биде совршен.

Пратениците имаа можност да ги искажат своите лични ставови и веќе познатите ставови на политичките партии и коалиции на кои припаѓаат, во врска со референдумското прашање, притоа потенцирајќи ја недвосмисленоста за членство во ЕУ и НАТО и покрај различните мислења.

Помошник-државниот секретар Мичел ја заврши средбата со зборовите дека секоја одлука на 30 септември ќе биде ценета како што е ценето и пријателството на САД со Република Македонија.

Click