Активности

Среда, 6 септември 2017 година

Шеста седница на Комисијата за финансирање и буџет 

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 6. седница, како матично работно тело, по скратена постапка, го разгледа Предлогот на закон за издавање на вредносни бонови-ваучери, поднесен од пратениците Драган Данев, Илија Димовски и Невенка Стаменковска.

Воведно образложение по поднесениот Предлог на закон даде претставникот на предлагачите, пратеникот Драган Данев. Тој истакна дека со Законот за издавање на вредносни бонови-ваучери се предлага издавање на вредносни бонови за обезбедување на компјутери за редовните студенти од семејства во кои месечните приходи не го надминуваат износот од две просечни месечни нето плати, односно 45.344 денари нето приход и кои за прв пат се запишани во трета и четврта  година на студии на високо образовните установи во Република Македонија, како и за студентите кои се евидентирани како лица со посебни потреби запишани во која било година на студии  на високо образовните установи во Република Македонија. 

Со цел на студентите да им се овозможи полесен  начин да се стекнат со компјутери, како и тоа да се обезбедат со компјутери во текот на студиската година, се предлага донесување на законот. 

Со овој закон се предлага погоре опишаните студенти да може да аплицираат за добивање на компјутер доколку се редовно запишани за прв пат на студиска година.  

Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Предлогот на законот, не беа поднесени амандмани од овластени предлагачи.  

Во претресот учествуваа пратениците Васко Ковачевски, Драган Данев, Димитар Стевананџија, Панче Иванов и Лилјана Кузмановска.

Комисијата за финансирање и буџет го проследи Предлогот на законот за издавање на вредносни бонови-ваучери на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија. 

Click