Активности

Четврток, 5 декември 2019

Силна посветеност кон зголемување на професионалноста во новинарството

Пратеничката Шпреса Хадри, во својство на член на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, учествува на состанокот на Комисијата за култура, наука, образование и медиуми, кој на 5 и 6 декември 2019 година се одржува во Париз.

На состанокот се разгледуваат извештаите за заканите за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа, предлогот за формирање институција на Правобранител за интернет, менаџирањето на фудбалот и етиката: бизнис или вредности, како и методите на работа, приоритетите и планирањето на активностите на Комисијата за 2020 година.

Во Извештајот за заканите за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа, презентиран од Лордот Фоулкс од Обединетото Кралство, се нотира напредокот постигнат во Република Северна Македонија во однос на медиумското опкружување како целина, особено во однос на намалувањето на притисокот и гонењето на новинарите, намалувањето на политичкото рекламирање во медиумите, како и нападите врз новинарите кои, како што е забележено во Извештајот, паднаа за 65% во 2018 година во споредба со претходните години.

Пратеничката Хадри информираше дека е подобрена климата во која делуваат новинарите, забележано е намалување на притисокот врз нив, а има и подобрувања кај аудиовизуелниот медиумски надзор и етичките нарушувања во медиумите. Понатаму, таа нагласи и дека е укината можноста Владата да биде доминантен огласувач во медиумите, со што се елиминира можноста за влијание врз уредувачката политика на приватните медиуми. Имајќи предвид дека медиумите играат клучна улога во обезбедувањето информации што им овозможуваат на граѓаните да формираат свои ставови за социјалните прашања и активно да се вклучат во демократските процеси, Хадри изрази силна посветеност кон зголемување на професионалноста во новинарството.

Таа се обрати и на темата за воведување на институцијата Омбудсман (или еквивалент) за интернет, која како предлог беше презентирана во извештајот на францускиот пратеник Фредерик Рејс. Во извештајот се наведува дека штетната содржина на Интернет станува се пораспространета и додека во некои случаи, како на пример поттикнување тероризам, говор на омраза, вознемирување или малтретирање, јасно станува збор за нелегални активности, во други, тоа потешко се утврдува. Идејата за контрола на содржината на социјалните медиуми претставува сериозен предизвик во однос на зачувувањето на слободата на изразување, особено поради фактот што интернетот е глобален медиум што ги поврзува луѓето со различни истории, традиции и правни култури. Со цел да се избегне ограничувањето на слободата на изразување, а во исто време да се отстранат нелегални содржини од интернет, Комисијата за култура, наука, образование и медиуми на Парламентарното собрание на Советот на Европа, предлага да се размисли за формирање на независна институција Народен правобранител (или еквивалент) со овластување да процени дали содржината на Интернет е легална или нелегална.

Шпреса Хадри поздравувајќи го предлогот, истакна дека поради зголемената улога на мултимедијални содржини во обликувањето на ставовите и мислењата на граѓаните, а особено на децата, постои потреба од формирање независна институција, што во рамките на својата надлежност ќе им овозможи на граѓаните да бидат заштитени од штетни содржини на Интернет. Со цел да се подобри безбедноста на Интернет и да се справи со заканите за дигиталната безбедност, институцијата Народен правобранител треба да вклучува соодветна соработка помеѓу владите, приватниот сектор, граѓанското општество, академијата и техничката заедница, заклучи Хадри.

Click