Активности

Вторник, 16 април 2019 година

Собраниска делегација на 15. состанок на КОСАП

Делегација на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, во состав: Владанка Авировиќ и Емил Димитриев, како и Мики Милковски, заменик-генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија, на 14 и 15 април учествуваше на 15. состанок на Конференцијата на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на земјите учеснички на Процесот за стабилизација и придружување во Југоисточна Европа (КОСАП) во Белград, Република Србија.

На Конференцијата, која претставува парламентарен форум за соработка меѓу Комисиите за европски прашања на државите на парламентите опфатени во процесот за стабилизација и асоцијација од Југоисточна Европа, имаше богата расправа за интерпарламентарната и регионалната соработка, како и за соработката на парламентите со цивилното општество во процесот на европската интеграција. Во тој контекст, беше искажана поддршка за сите видови на регионална поврзаност и проактивна соработка со други регионални организации кои ги делат европските вредности. Притоа, беше истакната важноста и подготвеноста за соработка со цивилното општество, стручната јавност и другите заинтересирани чинители.

Во рамките на расправата за значењето на интерпарламентарната и регионалната соработка за забрзување на реформите во процесот на интегрирање кон ЕУ, учестуваше пратеничката Владанка Авировиќ, која во своето излагање ја истакна важноста на регионалната соработка. Авировиќ истакна дека меѓупарламентарната соработка треба да биде витален дел во евроинтегративниот процес и вклученоста на националните парламенти претставува израз на демократијата и владеењето на правото.

Пратеникот Емил Димитриев имаше свое излагање во однос на соработката на парламентот со цивилното општество во процесот на европската интеграција. Димитриев подвлече дека од особено значење е зајакнувањето на контактите и соработката на националните парламенти со граѓанското општество, невладините организации кои треба да го поддржат овој процес.

На Конференцијата учествуваа делегации на парламентарните комисии за европски прашања/интеграции на Република Северна Македонија, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Србија. Во својство на специјални гости на состанокот, учествуваа претставници на парламентите на државите членки на ЕУ, дипломаткиот кор, академската заедница и цивилното општество.

Иако Конференцијата на крајот не заврши со усвојување на заедничка изјава од страна на делегациите, сепак пратениците истакнаа дека целта на состанокот е исполнета и се заблагодарија за можноста директно и отворено да разговараат за заедничките прашања кои се од интерес за процесот на европска интеграција.

Следниот состаок на КОСАП ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.

Click