Активности

Понеделник, 9 јули 2018 година, Берлин

Собраниска делегација на 27. Годишна сесија на ПС ОБСЕ

На 27. Годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржува од 7 до 11 јули 2018 година во Берлин, Сојузна Република Германија, учествува Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) во состав: шефот на Делегацијата Владимир Ѓорчев и членовите Јагода Шахпаска и Реџаиљ Исмаили. 

На Сесијата учествуваат околу 300 пратеници од 57 земји учеснички и партнери за соработка на ОБСЕ од Европа, Северна Америка, Централна Азија, Блискиот Исток и Северна Африка. 

На свеченото отворање на Сесијата пред пратениците се обратија: г. Волфганг Шојбле, претседател на германскиот Бундестаг; г. Георге Церетели, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ; г. Олаф Шолц, вицеканцелар и сојузен министер за финансии на Германија; г. Гуљиелмо Пики заменик-министер за надворешни работи на Италија, како претставник на Италијанското претседателство со ОБСЕ.

Во своето обраќање, г. Шојбле се осврна на новите меѓународни предизвици, како што се кибер нападите, хибрините закани и климатските промени и го нагласи значењето на парламентарната дипломатија за олеснување на меѓусебното разбирање и воспоставување на доверба меѓу земјите учеснички во ОБСЕ. 

Од своја страна, претседателот на ПС на ОБСЕ, пак, се задржа на потребата сите земји учеснички да работат на исполнувањето на заложбите на ОБСЕ и ја истакна улогата на парламентарците во поттикнувањето на соработката и дијалогот за решавање на отворените прашања во регионот.

„ПС на ОБСЕ е вистинскиот форум за дискусија за имплементацијата на заложбите на ОБСЕ“, оцени вицеканцеларот Шолц, нагласувајќи го значењето на меѓународната соработка за разрешување на глобалните предизвици. 

Приоритетите и активностите на Италијанското претседателство со ОБСЕ, ги презентираше заменик-министерот Пики, кој истовремено одговараше и на прашања од пратениците. 

Трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ дискутираат за извештаите и прелог-разолуциите на тема: „Имплементација на заложбите на ОБСЕ: улогата на парламентите“. 

Во оваа дискусија учествуваше пратеничката Јагода Шахпаска, која нагласи дека Собранието и Владата на Република Македонија се цврсто определени за спроведување на ефикасни реформи, развој на демократските вредности,  владеење на правото, почитување на човековите права, функционални институции во служба на граѓаните, отчетност и транспарентност, слобода на медиумите и независност на судството. Членството во ЕУ и НАТО, добрососедските односи и регионалната соработка остануваат стратешки приоритети на земјата.

Таа се осврна на двата билатерални договори со Република Бугарија и со Република Грција, кои ги ратификуваше Собранието на Република Македонија.  Оцени дека со овие Договори, кои се постигнати со храброст, лидерство и дипломатија, се праќа силна порака и охрабрување до другите земји дека отворените прашања и спорови можат да се разрешат преку дијалог и отвореност на аргументите.

Пратеничката Шахпаска информираше дека според последните анкети, повеќе од 75% од граѓаните на Република Македонија го поддржуваат влезот на земјата во ЕУ и НАТО, а за евроатланската иднина постои општ политички консензус и меѓу сите политички партии во Собранието на Република Македонија. Таа истакна дека како резултат на постигнатиот напредок на земјата дојде одлуката на Советот на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ за отворање на патот за отпочнување на пристапни преговори за членство во Унијата во јуни следната година и нагласи дека на претстојниот самит на НАТО во Брисел, Република Македонија очекува покана за членство во Алијансата.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите и права и животната средина.

Click