Активности

Вторник, 20 ноември 2018 година

Собраниска делегација на 64. годишна сесија на ПС на НАТО во Халифакс, Канада

Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Талат Џафери и Делeгацијата на Собранието Република Македонија во ПС на НАТО г. Илија Димовски, г-ѓа Катерина Кузмановска и г. Весел Мемеди, учестуваа на 64.годишна сесија на Парламентарното Собрание на НАТО, која се одржа од 16-19 ноември 2018 година во Халифакс, Канада.

По покана на ПС на НАТО, на пленарната сесија се обрати претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери. По обраќањето на претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, следуваше период за поставување прашања, при што претседателот одговори на поставените прашања од страна на претставниците на делегациите на земјите учеснички.

На пленарната сесија свое излагање имаа и г-ѓа Роуз Готемелер, заменик Генерален секретар на НАТО, г. Харијет Сајан, министер за одбрана на Канада како и г-ѓа Раза Јукневичиене, претседател на ПС на НАТО. За време на сесијата, горенаведените говорници како и претставниците на земјите учеснички изразија јасна поддршка за членство на Република Македонија во НАТО алијансата.

На годишната сесија на ПС на НАТО нашата делегација учествуваше и во работата на комитетите, каде што меѓу другото, се дискутираше за безбедноста во Западен Балкан, при што се спомена дека Република Македонија веќе доби формална покана за Самитот на НАТО, но земјата ќе стане нејзина полноправна членка само по целосно разрешување на спорот за името.

На Политичкиот комитет се обрати членот на делегацијата, г. Весел Мемеди, потпретседател на Собранието на Република Македонија, кој во својот говор упати пофалби и благодарност до известителот за безбедноста во Западен Балкан, канадската сенаторка г-ѓа Рајнел Андрејчук, за нејзиниот придонес во изготвувањето на извештајот за земјите кои се дел од Западниот Балкан. Тој во својот говор се осврна на спроведувањето на реформите и процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан, за чие продолжување од големо значење е натамошната меѓународна поддршка и финансиска помош.

На Комитетот за граѓанска димензија на безбедноста се обрати членот на Делегацијата, г-ѓа Катерина Кузмановска, која во однос на Нацрт-резолуцијата за заштита на изборните процеси во Алијансата, се фокусираше во неколку домени, како што се: демократизацијата на медиумите, активната транспарентост, зголемен пристап до информации од страна на јавноста, охрабрувањето и поддршката на невладините институции и оганизации, справувањето со лажни вести и борбата против дигиталната пропаганда.

На Годишната сесија на ПС на НАТО учествуваа земјите-членки на НАТО и земјите што претендираат да бидат дел од Алијансата во иднина. Собранието на Република Македонија има статус на асоцијативен член во Парламентарното собрание на НАТО од 1994 година и ова е за прв пат претседател на Собрание на Република Македонија да биде поканет да се обрати пред парламентарците на оваа респектирана меѓународна организација која обединува над 260 парламентарци од земјите-членки на НАТО, асоцијативни земји, земји-набљудувачи, партнерски парламенти и претставници од други меѓународни организации.

Click