Активности

Понеделник, 8 октомври 2018 година

Собраниска делегација на Конференција за трансформирање на Регионот на Западен Балкан 

Делегација од Собранието на Република Македонија, во состав: Горан Милевски, Артан Груби, Жаклина Лазаревска и Драган Данев учествуваше на Меѓупарламентарната конференција во Софија на тема: „Трансформација на регионот на Западен Балкан - парламентарна перспектива за улогата и иднината на процесот на пристапување во ЕУ“. 

На Конференцијата, организирана од страна на Европскиот парламент и Народното собрание на Република Бугарија, учествуваа пратеници од националните парламенти на Регионот на Западен Балкан, како и пратеници од земји членки на ЕУ, претставници на невладини организации и регионални иницијативи.

Потпретседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Јавор Нотев, во своето обраќање на отворањето на Конференцијата истакна дека членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ нема алтернатива и истото претставува геостратешка инвестиција за стабилна, силна и обединета Европа. Присуството на толку голем број на Парламенти на едно место е убедлива порака за континуитетот во заедничките напори на сите Парламенти за поддршка на европската перспектива на Регионот, но и знак дека споделуваме заеднички вредности и заедничка волја патот да го изодиме заедно, истакна Нотев.  

Потпретседателката на Владата на Република Бугарија задолжена за правосудни реформи и министер за надворешни работи, Екатерина Захариева, нагласи дека без членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, европскиот проект останува незавршен и дека главниот мотив и мотор за вистинско помирување, поврзување и реформи во Регионот, е токму европската перспектива. Без поддршка на партиите, националните парламенти и Европскиот парламент, не може да се случи никаква реформа, додаде таа.

Претседателката на Комисијата за надворешна политика од Народното собрание на Република Бугарија, Џема Грозданова, истакна дека Бугарија ќе продолжи да работи во корист на проширувањето, вклучително и преку експертска поддршка и помош за националните парламенти од Западен Балкан. Бугарија, исто така, придава особено значење на процесот на соработка во Југоисточна Европа, бидејќи е водечки политички формат за регионална соработка и добрососедски односи.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи на Националниот совет на Австрија, Андреас Шидер, посочи дека процесот на асоцијација, кој се одвива во последните 15 години, дава резултати кон безбедноста и мирот во регионот. Перспективата овие земји да станат членки на ЕУ се покажа силен мотив за реформи, а европската интеграција е единствениот инструмент за надминување на минатото во овој регион. Австрија ја поддржува европската иднина на земјите од Западен Балкан, но процесот зависи од напорите на секоја земја поединечно и нивната одговорност за реформирање на институциите.

Претседателот на Комисијата за надворешна политика на Сенатот на Романија, Кристијан-Сорин Думитреску, истакна дека претседавањето на Бугарија, Австрија и Романија со Советот на ЕУ се случува во многу значаен период за регионот. Тој потенцираше дека Романија е силен поддржувач на процесот на проширување, од причини што истиот е двигател на постабилна и пообединета Унија и има трансформирачка моќ на целиот Регион. 

Европратеникот Едуард Кукан ја пофали Бугарија за придонесот кон Западен Балкан за време на своето претседавање и изрази очекување дека Австрија, како одличен познавач на Регионот, ќе стори сè во таа насока, како и следната, Романија, а Европскиот парламент ќе продолжи да дава поддршка на процесот, кој е добар не само за Регионот, туку и за целиот европски континент.

Во текот на дебатата, се вклучи и пратеникот Артан Груби, кој изрази благодарност до Бугарското претседателство, каде со заеднички напори Македонија обезбеди аргументи за нејзините меѓународни партнери, со исполнување на бараните реформи и критериуми. Тој побара стриктни, но фер услови од страна на Брисел и поголем ангажман за заокружување на преостанатите процедури во Собранието на Република Македонија, со што ќе се обезбеди членство во НАТО и во Европската Унија.   

Click