Активности

Четврток, 30 јануари 2020

Собраниска делегација на редовната сесија на ПССЕ

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од Бетијане Китев, а во чиј состав се Шпреса Хадри и Никола Попоски во својство на членови, присуствуваат на првиот дел од редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

На својата редовна зимска сесија во Стразбур што се одржува од 26 до 31 јануари 2020 година, ПССЕ за нов претседател го избра Рик Даемс од Белгија,  член на АЛДЕ.

На почетокот на сесијата беа изразени забелешки во однос на застапеноста на жените во нашата делегација и на делегациите на Шведска, Швајцарија, Полска, Португалија и Сан Марино.

Забелешките во однос на нашата делегација беа изнесени од страна на Зита Гурмаи, пратеничка од Унгарската социјалистичка партија односно член на Делегацијата на Унгарија во ПССЕ.

Според процедурата, по забелешките заседаваше Комисијата за деловник, имунитет и институционални прашања. На седницата беа поканети претставници на делегациите, чиј состав беше оспоруван врз процедурална основа. Претставник на нашата делегација беше Никола Попоски. Тој, при објаснување на составот на нашата делегација, рече дека од тројца членови, една е жена и од тројца заменици на членовите, една е жена. Тој информираше дека, според официјалните податоци на ПССЕ, 47 од 120 пратеници во Собранието на Северна Македонија се жени. Процентуално, тоа се 39.17%, а мажите се застапени со 60,83%. Во ситуација кога според деловникот на ПССЕ може да имаме само 3 членови и 3 заменици, нашата делегација ги исполнува условите во однос на половата застапеност. Изнесените забелешки по оваа основа се неосновани, имајќи предвид дека составот на нашата делегација беше ист и во минатото и, досега, никогаш не биле изнесени никакви забелешки.

По дискусијата, Комисијата гласаше и заклучи дека условот за половата застапеност, согласно член 7 од Деловникот на ПС на СЕ, е исполнет од сите делегации, и со тоа составот на делегациите беше ратификуван.

Претседателот на Грузија, Саломе Заурабичвили и на Република Молдавија, Игор Додон, како и грузискиот министер за надворешни работи и претседател на Комитетот на министрите, Давид Залкалиани  и новоизбраниот генерален секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, му се обратија на Собранието и одговараа на прашања.

Бетиане Китев имаше прашање до Марија Пејчиновиќ-Буриќ - кои се чекорите што таа ќе ги преземе да го зачува единствениот пристап во заштитата на човековите права со посредство на засилената имплементација од земјите членки на Европската конвенција за човековите права и потполно и навремено имплементирање на пресудите од Судот.

Во рамките на дебатите се разговараше за комплементарната заедничка процедура меѓу Комитетот на министрите и Парламентарното собрание, како одговор на сериозно прекршување на статутарните обврски од страна на земја членка; за функционирањето на демократските институции во Полска и за случаите на политичките затвореници во Азербејџан.

Собранието одлучи да одржи итна дебата на тема „Меѓународните обврски во врска со репатрицијата на децата од воените зони“ како и за дебата за „Скорашните случувања во Либија и Блискиот исток: какви консеквенции за Европа?“

Пратениците дискутираа и за загрозувањето на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, за хакираната демокрација и како да се одговори на тоа, како и за одбраната на слободата на вероисповеста во работното место.

Шпреса Хадри, при дискутирањето за  загрозувањето на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Европа, го потенцираше напредокот што извештајот го признава кога е во прашање состојбата на новинарите во нашата земја. Таа, понатаму, информираше за активностите на Северна Македонија во полза на подобрување на ситуацијата на безбедноста на новинарите и условите за нивната работа. Таа ги спомна усвоените амандмани на Законот за аудио и аудиовизуелните медиуми со кои се имплементирани препораките на новинарите и на медиумите, како и клучните препораки од Советот на Европа и ОБСЕ за отстранување на политичкото влијание  врз медиумите и јавниот сервис.

Шефот на нашата делегација, Китев, дискутираше и на дебатата за  слободата на вероисповедта во работното место, каде што рече дека работодавачите не можат да прават дискриминација врз вработените врз основа на нивните религиозни убедувања. Имајќи го предвид сето ова, државата мора да работи за да обезбеди разумно религиозно интегрирање на работното место. Разумно религиозно интегрирање е какво било прилагодување на работното опкружување што им овозможува на вработените да ја практикуваат својата религија или верување. Ова подразбира воспоставување работна средина каде разликите се третираат со почит и вклученост.

Собранието, исто така, одржа две заеднички дебати - една за трговија со мигрантите, исчезнатите бегалци и децата на мигрантите, и втората за туризмот за трансплантација на органите и трговијата со човеково ткиво и ќелии.

Извештајот за минимални стандарди за изборен систем и извештајот за набљудување на изборите во  Белорусија беа, исто така, на агендата.

ПССЕ гласаше ЗА отворање на мониторинг процедура за Полска во врска со функционирањето на нејзините демократски институции и владеењето на правото, декларирајќи во резолуцијата дека скорешните реформи „значајно ѝ наштетиле на независноста на судството и владеењето на правото”.

Нашата делегација имаше средба со известувачот на Мониторинг комисијата за нашата земја, Лиз Кристоферсен. Таа се интересираше за работата на нашето Собрание до неговото распуштање и дали до тогаш ќе биде усвоен Предлог-законот за јавно обвинителство. Шпреса Хадри ја информира дека законското решение е влезено во процедура и во тек е јавна расправа по него, изразувајќи оптимизам дека тој ќе биде усвоен пред распуштањето на Собранието на Северна Макединја. Никола Попоски рече дека фокусот не треба да биде во гласањето на некој акт, туку како да се постигне тоа што сакаме. Според него, ако имаме кредибилни лица, тоа може да се постигне и без закон.

Кристоферсон се интересираше и за политичките случувања во земјава и за активностите на политичките партии во пресрет на изборите.

На крајот на средбата, таа информираше дека на следната седница во март, Мониторинг комисијата ќе го избере и вториот известувач за Северна Македонија. 

Click