Активности

Четврток, 26 април 2018 година

Собраниска делегација на состанок за енергијата добиена од обновливи извори

Делегација на Собранието на Република Македонија од Комисијата за економски прашања, составена од претседателот на Комисијата, г. Горан Милевски, заменик-претседателот, г. Агим Шаќири и членот г. Хари Локвенец, учествуваше на состанок посветен на енергијата добиена од обновливи извори во организација на Енергетската заедница, кој се одржа на 24 април 2018 година во седиштето на Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија.

Покрај претставници од Собранието на Република Македонија, на состанокот учествуваа и претставници од Парламентите на земјите членки на Енергетската заедница, пратеници од Европскиот парламент и претставници од други европски институции.

На состанокот се дискутираше за моменталната состојба со употребата на обновливите извори на енергија во земјите членки на Енергетската заедница, како и за начините за зајакнување на одржливата употреба на обновливата енергија во овие земји.

Свое обраќање имаа и претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Горан Милевски и членот г. Хари Локвенец.

Господин Милевски истакна дека иако Република Македонија има поставено за цел енергијата добиена од обновливи извори до 2020 година да учествува со 28%, сепак според енергетскиот биланс публикуван од ЕУРОСТАТ во 2015 година изнесувала 19,9%, со можност да достигне максимум од 24% до 2020 година. Обновливата енергија се добива од хидроелектрични централи, ветерни електрани, електрични централи на биогас и биомаса и фотовоалтаични системи, при што најголемото учество е од хидроцентралите.

Моментално во Република Македонија, електрична енергија од ветер се добива единствено од ветерниот парк во Богданци, кој беше пуштен во употреба во 2014 година со инсталиран капацитет од 36,8 MW.

Имајќи ги предвид позитивните искуства од изградбата на паркот на ветерни електрани Богданци - прва фаза (36,8 MW), во следниот период (2019 - 2021) АД ЕЛЕМ планира да го заокружи проектот во целост (вкупно инсталирана моќност од 50 MW). АД ЕЛЕМ планира да започне со изградба на нов парк на ветерни електрани Миравци - прва фаза (14 MW во периодот 2019 - 2021). Вкупната инсталирана моќност на проектот се планира да изнесува 50 MW. Во однос на ефектите врз животната средина што се резултат на експлоатираниот рудник во РЕК Осломеј, земјиштето од овој рудник треба да се врати во својата првобитна состојба. АД ЕЛЕМ планира рекултивацијата на земјиштето да ја изведе така што ќе изгради фотонапонска електроцентрала (ФЕЦ) која ќе се користи како извор на електрична енергија од обновливи извори (2019 - 2020). Со изградбата на ФЕЦ во ТЕ Осломеј ќе се зголеми учеството на обновливите извори на енергија за 10 MW. Со донесување на новиот Закон за енергетика и предвидените механизми за изградба на фотонапонски централи, можно е да се овозможи инсталирање на овој тип постројки до 70 MW во периодот до 2020 година.

Следејќи ги потребите на пазарите со електрична енергија, АД ЕЛЕМ  е насочен кон започнување на изградбата на хидроелектрани на Црна Река (ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште), како и реактивирање на идејата за искористување на хидропотенцијалот на реката Вардар. Реализацијата на проектот за изградба на хидроелектрани на Црна Река, во зависност од избраното техничко решение (максимално проектирано просечно годишно производство од околу 1000 GWh), предвидено е да трае околу 7 години, а се очекува позитивно да влијае врз целокупниот општествен развој, преку ангажирање на домашни компании во развојот и градбата на хидроелектраните, заживување и развој на целиот регион Мариово итн. Проектот Вардарска Долина претставува повеќенаменски проект којшто би значел зголемување на производството на енергија преку искористување на водните ресурси, но и зајакнување на сообраќајниот, земјоделскиот, туристичкиот и индустрискиот сектор, а сè во насока на одржлив развој и заштита на животната средина. Проектот предвидува изградба на две големи и повеќе каскадни мали хидроелектрани, со проектирано вкупно просечно годишно производство од околу 1200 GWh.

Доколку се анализира извештајот на Енергетската заедница за напредокот на договорните страни за 2017 година може да се забележи дека само две земји   (Босна и Херцеговина и Црна Гора и со можност и Молдавија да ги исполни целите - податоци според енергетскиот биланс побликуван од ЕУРОСТАТ за 2015 година) ги имаат исполнето поставените цели во однос на учеството на обновливите извори на енергија до 2020 година. Иако има напредок во поглед на обновливите извори на енергија, потребно е да се преземат и понатамошни чекори. Имено, ниедна од договорните страни на Енергетската заедница во целост ја нема имплементирано Директивата 2009/28/EC која се однесува на промоција на употребата на обновливи извори на енергија. Особено внимание треба да се посвети на делот од Директивата кој се однесува на употребата на обновливите извори на енергија во секторот транспорт.

Имајќи предвид дека значаен дел од ресурсите кои се користат за производство на електрична енергија (како што е јагленот) се ограничени во секоја земја; очекувањата за иден поголем индустриски и економски раст на договорните страни ќе предизвика поголеми потреби од домашно производство на електрична енергија за задоволување на сопствените потреби; зголемената свесност на населението за позитивното влијание врз животната средина од обновливите извори на енергија може да се очекува нивна се поголема примена во овие земји. Зголеменото учество на обновливите извори на енергија нема да претставува избор, туку обврска за договорните страни имајќи ги предвид нивните позитивни ефекти и се поголемата важност која им се придава на овие извори во европската енергетска политика.

Господин Хари Локвенец истакна дека и покрај постоење на поволни услови за користење на сончевата енергија (во просек 250 сончеви денови  во годината), сепак во Република Македонија сонцето недоволно се користи за производство на електрична енергија, а една од причините е високата почетна инвестиција за инсталирање на сончеви колектори. Исто така, иако постојат услови, не постои доволна искористеност и на отпадот во депониите од кој може да се добива енергија, како и од ветерот и биогоривита.

Во насока на поголема употреба на обновливите извори, како што информираше претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Милевски во иднина е предвидена реализација на неколку проекти: паркот на ветерни електрани Богданци - втора фаза ( од 2019 до 2021) и вкупниот капацитет на овој ветерен парк ќе изнесува 50 MW; изградба на парк на ветерни електрани Миравци - прва фаза (14 MW во периодот 2019 - 2021). Вкупната инсталирана моќност на проектот се планира да изнесува 50 MW.  Започнување на изградбата на хидроелектрани на Црна Река (ХЕ Чебрен и ХЕ Галиште), како и реактивирање на идејата за искористување на хидропотенцијалот на реката Вардар.

Со донесување на новиот Закон за енергетика и предвидените механизми за изградба на фотонапонски централи, можно е да се овозможи инсталирање на овој тип постројки до 70 MW во периодот до 2020 година. 

Република Македонија воведе повластени тарифи за купопродажба на електрична енергија произведена од мали хидроелектрични централи, ветерни електрани, електрични централи на биогас и биомаса и фотоволтаични системи со цел да го стимулира производството на енергија од обновливи извори.

Со цел поголема употреба на обновливите извори на енергија во земјите договорни страни на Енергетската заедница потребни се низа стимулативни мерки за поттикнување на нивната поголема примена. Преку разни форми на грантови и средства од разни фондови како и подигнување на свеста кај бизнис секторот и граѓаните за позитивните ефекти од обновливите извори треба да се стимулира нивната употреба. 

Договорните страни на Енергетската заедница во иднина треба да се фокусираат на поголема имплементација на Директивата 2009/28/ЕК која се однесува на промоција на употребата на обновливи извори на енергија во делот на следниве членови на оваа Директива: член 13 - Административни процедури и регулатива; член 15 - Гаранции за потеклото на електричната енергија (струјата) добиена од обновливи извори на енергија; член 16-Пристап до мрежите и нивно дејствување; член 17 - критериуми за одржливост на погонските и другите видови на горива и други членови на оваа Директива.

Состаноците на Парламентарниот пленум се извонредна можност за размена на мислења и идеи за разни области во енергетскиот сектор. Позитивните мерки кои се користат во другите земји, пратениците би можеле да ги преточат во домашното законодавство, но исто така и во контактите со бизнисмените и граѓаните да ја поттикнат нивната свест од потребата за поголемо користење на обновливите извори на енергија.

Click