Активности

Понеделник, 10 јуни 2019 година

Собраниска делегација на студиска посета во Виена

На покана на претседателот на Парламентот на Република Австрија, Волфганг Соботка, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, во организација на мисијата на ОБСЕ во Скопје, од 5 до 7 јуни 2019 престојуваше на студиска посета во Виена. 

Делегацијата предводена од потпретседателката, Фросина Ташевска-Ременски беше во следниов состав: потпретседателите: Горан Мисовски и Весел Мемеди; координаторите на пратеничките групи:Јован Митревски и Никола Мицевски; пратеничките: Лилјана Кузмановска од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Ѓулумсер Касапи, претседателка  на Клубот на пратенички, Мирсада Емини-Асани, претседателка на  Комисијата за здравство, генералната секретарка, Цветанка Иванова, како и вработени во собраниската служба.

Целта на студиската посета беше понатамошно зајакнување на Собранието и на неговата улога во политичкиот систем на државата.

Во рамки на студиската посета генералната секретарка, Цветанка Иванова имаше средба со генералниот секретар на Администрацијата на австрискиот парламент, господинот  Харалд Доси, кој беше и воведничар во студиската посета. 

За време на оваа студиска посета, делегацијата имаше можност да проследи презентации на неколку теми, и тоа: планирање и кооординација на собраниската администрација, обезбедување на Собранието и менаџирање на човечките ресурси,организирани од директорот на службите и раководителите на соодветните сектори.

Делегацијата, исто така оствари средба со пратеници од австрискиот Национален совет, членови на Комисијата за еднаков третман предводена од претседателката, госпоѓа Габриела Хајниш-Хосек.

Посебен интерес членовите на делегацијата покажаа за "Работилницата за демократија", организирана од Граѓанскиот едукативен сектор на Парламентот на Република Австрија, наменета за деца и млади и изразија подготвеност за организација на слична ваква работилница во Собранието на Република Северна Македонија. 

Со поддршка на Австриската развојна соработка и Постојаната Мисија на Австрија во ОБСЕ, оваа тридневна посета се фокусираше на клучните приоритети наведени во Стратешкиот план 2019-2021, кој Мисијата го поддржува за да ја зајакне парламентарната независност, неговата надзорна функција и демократска улога.

Click