Активности

Среда, 4 декември 2019 година

СОБРАНИСКА ДЕЛЕГАЦИЈА НА ТРКАЛЕЗНА МАСА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ 

Во рамките на работната посета на Брисел, Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во состав од пратениците: Сашо Василевски, Бетиане Китев, Реџаиљ Исмаили и Драган Данев на 3 декември 2019 година, учествуваше на Тркалезна маса на високо ниво за процесот на евроинтеграции на Западен Балкан во Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија. 

На учесниците на оваа тркалезна маса им се обратија претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, комесарот за проширување, Оливер Вархели, потпретседателот на Европскиот парламент, Фабио Масимо Касталдо, како и повеќе европратеници кои се известувачи на Европскиот парламент за секоја земја од Западен Балкан. Изборот на новиот состав на ЕП ја постави сцената за отворање на ново поглавје во односите меѓу ЕУ и Западен Балкан. Имено, тркалезната маса на високо ниво претставува прв форум за дискусија, по изборите за пратеници во ЕП.

Во дискусијата по двете точки од агендата: новата перспектива за проширување на ЕУ и улогата на парламентите во реформската агенда, свои излагања имаа и пратениците од македонската делегација. На тркалезната маса се дискутираше за процесот на евроинтеграции на Западен Балкан во светло на неодамнешната одлука на Европскиот совет за одложување на почетокот на пристапните преговори и резолуцијата на Европскиот парламент за отворање на пристапни преговори со Република Северна Македонија и Албанија. Пратениците од македонската делегација истакнаа дека нашата држава останува посветена на реформите и нема да дозволи реформскиот процес да запре. 

Тркалезната маса беше можност за пратениците да се сретнат и да разменат искуства со своите колеги од регионот, се сретнаа со новоизбраните колегите од Европскиот парламент, имаа средби со известителите од Комисијата за надворешни прашања, како и со релевантни шефови на делегации. Главните пораки од средбите се однесуваа на безусловноста во поддршката за почеток на преговорите со Северна Македонија и поправање на направената политичка грешка. 

За време на посетата на Брисел, Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија оствари средба и со шефицата на Мисијата на Република Северна Македонија при ЕУ во Брисел, амбасадорката Агнеза Руси. На средбата се разговараше за актуелните случувања во Северна Македонија и регионот, францускиот нон-пејпер, како и за процесот на проширување на ЕУ. 

Click