Активности

Понеделник, 16 септември 2019 година

Собраниската работна група со целосна поддршка за унапредување на основните услови за престој во Затворот Скопје

Во рамките на своите надлежности, Работната група на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Северна Македонијa, во состав Фадил Зендели, претседател на Комисијата; Мирсада Емини-Асани, Трајчо Димков, Панчо Минов и Слаѓана Митовска, оствари службена посета на КПУ Затвор Скопје - Скопје. Во придружба на Групата беше претставник од НДИ.                                                                                           

Работната група имаше потреба на лице место да ја согледа состојбата во Затворот Скопје, познат како Шутка, од причина што во него се наоѓа  најголемото и најобезбеденото притворско одделение во Македонија  во кое се извршува мерката притвор изречена кон машки и женски лица од целата територија на земјава, на кои им се заканува казна над десет години.

Притоа, беа остварени средби со директорот на Управата за извршување на санкциите, Јовица Стојановиќ и директорот на затворот „Скопје” Есад Рахиќ  и заменик-директорот, но и директен разговор со осудените лица.

Според условите, притворското одделение Шутка не може да се пофали со почитување на човековите права, согласно Европската конвенција за превенција на тортура и нечовечно или понижувачко постапување.

Одделни ќелии не се реновирани откако е изграден затворот, односно од 1968 година. Има мувла и влага, а во затвореното одделение нема телефонска говорница. Од друга страна, притворското одделение може да се пофали со „хашките соби“, кои ги задоволуваат стандардите на модерен европски затвор. Кога е студено просториите соодветно се затоплуваат, се почитуваат стандардите за слободно движење за време на викенд и за годишниот одмор. Во однос на храната, има подобрување, но нејзиното количество некогаш е помало од потребното, додека квалитетот е подигнат на повисоко ниво.

Прашањето со корупцијата во затворите е мошне експлоатирано во јавноста, но затворската управа вели дека успешно се справува и навремено реагира на секој сомнителен случај. Нелегалното фотографирање потешко се контролира.

Како и во останатите казнено-поправните домови, и тука има недостиг од финансии за соодветно управување, недоволен број на вработени, слаба ресоцијализација, недостиг на здравствени услуги, слаб контакт на затворениците со семејствата.

Евидентни се обидите на досегашниот и на новиот директор на затворот, со лични активности, со спонзорства и донации да се подобрат одредени простории, како што веќе е направено со адвокатската соба, паркингот и видувалната, но и со многу други позитивни примери за санирање, реновирање на некои простории, бројни други активности, во смисла на поквалитетен престој на притворениците и затворениците во оваа установа.

Шутка се подготвува за нова програма за ресоцијализација, која новата управа веќе почнува да ја спроведува, а која ќе преставува можност за подобра ресоцијализација и подобра атмосфера во затворот. Најавени се и нови вработувања во делот на затворот, кои ќе бидат фокусирани на препород и економија.

Беше нагласено дека Делегацијата на ЕУ токму овде ќе врши контрола за оценување за прогресот во делот на реформите во правосудството.

Работната група констатира потреба од дополнително унапредување на основните услови за престој во затворот и зголемување на буџетот, и во таа насока ќе биде дадена целосна поддршка. 

Инаку, оваа Работна  група е основана на 12 јуни 2018 година, по забелешките во Извештајот на Европската комисија за состојбата во затворите и забелешките на пошироката јавност. Групата има за цел согледување на состојбите во кои се наоѓаат овие установи и предизвиците со кои се соочуваат а во насока на подобрување на истите.

Досега Работната група реализираше посета на КПД Идризово, Затворот КПУ Штип и на Казнено-поправната Установа Затвор Охрид, а како резултат на реализираните  посети, Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот одржа и Јавна расправа на тема „Состојбата со човековите права во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“. 

Click