Активности

Понеделник, 7 мај 2018 година

Средба на Буџетскиот совет со претставници на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд

Потпретседателката на Собранието на Република Македонија и претседателка на Буџетскиот совет, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски; заменик-претседателката на Буџетскиот совет,  г-ѓа Лилјана Кузмановска; членовите г. Јован Митрески, г. Костадин Костадинов, г. Ејуп Аљими и г. Агим Шаќири и генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова, одржаа средба со шефот на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, Аманда Сајеф и членот Алберто Солер.

На средбата се дискутираше за надлежностите на Буџетскиот совет,  улогата на Советот при носењето на Буџетот и Ребалансот на Буџетот, фискалната одговорност, како и за заложбите за подобрување на фискалната транспарентност во Република Македонија.

Потпретседателката Ташевска-Ременски им посака срдечно добредојде на гостите и изрази благодарност за поддршката која Меѓународниот монетарен фонд ја дава на Република Македонија. Таа ги информираше претставниците на ММФ дека Буџетскиот совет се формира со Одлука за основање и Одлука за утврдување на составот, согласно Законот за Собранието на Република Македонија.  Буџетскиот совет има претседател, заменик на претседател и девет члена од редот на пратениците на Собранието. Претседател на Буџетскиот совет е еден од потпретседателите на Собранието, додека заменик на претседателот е претседателот на Комисијата за финансирање и буџет.   

Буџетскиот совет има надлежност да ги утврдува стратешките приоритети на Собранието за наредната година и нивно вклучување во Буџетот на Република Македонија со предлагање на посебни програми и потпрограми,дава упатства и насоки за подготвување на предлогот на буџетските барања и потребите за работа на Собранието, предлага на Владата на Република Македонија во соработка со Министерството за финансии максимален износ на средства за Собранието за наредните три фискални години иго следи извршувањето на расходите во Буџетот на Собранието на Република Македонија и предлага прераспределба на средствата во рамките на одобрените средства со Буџетот на Република Македонија. Буџетскиот совет учествува во постапката на носење на Буџетот, но само кога станува збор за Буџетот на Собранието на Република Македонија.

Госпоѓа Ташевска-Ременски информираше дека во Собранието на Република Македонија се започнати процедури за зголемување на финансиската контрола и надзор на законодавната над извршната власт. Ова се стратешки определби кои ќе бидат утврдени и во Стратешкиот план на Собранието за периодот 2018 - 2020 година, кој транспарентно ќе биде објавен на веб-страницата на Собранието на Република Македонија. 
Во оваа насока г-ѓа Ташевска-Ременски посочи дека ќе се прошират надлежностите на матичните работни тела по однос на контролата и надзорот на трошењето на јавните средства, односно реализацијата на буџетот на ресорното Министерство. Исто така, треба да започне разгледувањето на конечните ревизорски извештаи кои ги доставува Државниот завод за ревизија, а во соработка со Вестминстер фондацијата за демократија се планира да започне со функционирање и буџетска канцеларија. Оваа канцеларија ќе подготвува документи и извештаи кои ќе им помогнат на пратениците во читањето на финансиските извештаи. 

По однос на фискалната транспарентност во Република Македонија, г-ѓа Ташевска-Ременски истакна дека Владата континуирано презема мерки и активности истата да се зајакне, институциите законски мораат да ги објавуваат финансиските извештаи и истите се достапни за секој граѓанин  на веб-страницата на Министерството за финансии. 

Заменик-претседателката на Буџетскиот совет,  г-ѓа Лилјана Кузмановска, истакна дека заложба на сите политички чинители во Република Македонија е да постои поголема транспарентнтност во креирање на фискалните политики, како и во трошењето на јавните средства. Госпоѓа Кузмановска посочи дека во функција на зголемување на транспарентноста, потребно е Фискалната стратегија која Владата ја доставува до Собранието на  Република Македонија, да се усвојува од страна на Собранието пред донесувањето на Буџетот за наредната година. Со ова ќе се овозможи буџетската дебата да започне многу порано и би се подобрил целокупниот буџетски процес. Таа посочи дека во тек се консултации за да започне разгледување на конечните ревизорски извештаи на ДЗР, кои и досега се доставуваа до Собранието, но само за информирање. Исто така, во тек е дебата за започнување на процес за финансиска независност и осамостојување на Собранието на Република Македонија. 

Членот на Комисијата, пратеникот Јован Митрески, посочи дека во Собранието треба да се дискутира повеќе за изворите на средства во Буџетот и реализацијата на расходната страна, а не само за што се планира да се користат буџетските средства. Буџетскиот процес би бил потранспарентен доколку податоците кои се содржани во Буџетот би биле дадени конкретно по намени, а не само по синтетички конта.

Генералната секретарка на Собранието, г-ѓа Цветанка Иванова, информираше дека Собранието на Република Македонија е оценето како најтранспарентно по однос на другите институции, бидејќи сите документи се јавни и се објавуваат на неговата веб-страница. Една од целите кои ќе бидат имплементирани во новиот Стратешки план за периодот 2018 - 2020 година, ќе биде и зголемена транспарентност. 

На крајот, средбата беше позитивно оценета, се изрази благодарност за поддршката која Меѓународниот монетарен фонд му ја дава на Собранието на Република Македонија и се посочи дека секоја препорака и сугестија на ММФ е добредојдена и ќе биде прифатена.

Click