Активности

Среда, 22 ноември 2017 година

Средба на двете Пратенички групи за соработка меѓу Македонија и Украина

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина денеска оствари средба со Пратеничката група за меѓупарламентарни односи со Република Македонија на Врховната Рада на Украина, која е во работна посета на Македонија.

На средбата беа присутни г. Јован Митрески, претседател на Пратеничката група и членовите: г-ѓа Весна Пемова, г. Драган Цуклев, г. Мирослав Јовановиќ и г. Васил Пишев. Од друга страна, Пратеничката група за меѓупарламентарни односи со Република Македонија на Врховната Рада на Украина беше предводена од г. Андриј Шињкович, претседател и членовите: г. Михајло Кобцев и г. Роман Мацола, како и г-ѓа Наталија Задорожњук, амбасадорка на Украина во Македонија.

На почетокот на средбата, претседателот Митрески изрази задоволство за присуството на Парламентарната група во нашиот парламент, како прва средба помеѓу Парламентарните групи за соработка по 2003 година. 

Претседателот Митрески посочи дека двете земји ги карактеризира одлична парламентарна соработка во духот на пријателството, а во однос на меѓународната соработка, пратениците од нашите земји веќе соработуваат и меѓусебно се поддржуваат, особено во рамките на Парламентарното собрание на ОБСЕ и Советот на Европа.

Присутните се согласија дека економската соработка и покрај добрата формално-правна рамка во поглед на трговската размена, последниве години бележи пад. Нејзиното подобрување, како и унапредување на прашањето за визно ослободување, ќе бидат нивна задача во иднина.

Претседателот Андриј Шињковиќ упати благодарност за поканата, како и за поддршката која Македонија ја дава за територијалниот интегритет на Украина. 

Двете земји низ историјата по многу нешта се слични, дури и денес, бидејќи имаат избрано сличен вектор кон членство во НАТО-алијансата и ЕУ-семејството.

Тој посочи дека оваа средба е со цел зајакнување на законодавната основа, да се слушнат и да се споделат искуства, за во иднина да бидат избегнати грешките на младите демократии, какви што се овие две земји.

На крајот од средбата, Пратеничките групи се согласија дека ова е прв чекор во понатамошната соработка, изразија надеж дека предлозите на двете земји ќе бидат заемно поддржувани и ќе работат во насока на продлабочување на соработката во секој можен аспект.

Click