Активности

Четврток, 22 март 2018 година

Средба на Групите за пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија

Делегацијата од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија, предводена од потпретседателката на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, оствари средба со претседателот на Групата за пријателство Бугарија-Македонија во Народното собрание на Република Бугарија, г. Борис Ванѓелов и членовите на Групата, која е една од побројните групи поради зголемениот интерес на бугарските пратеници за Република Македонија.

Потпретседателката Ременски, заблагодарувајќи се на претседателот Ванѓелов за активниот ангажман во реализацијата на оваа посета која се случува во клучен момент од историјата на односите меѓу двете држави, изрази очекување дека конечно двете земји ќе влезат во нова фаза на соработка на сите нивоа, со која ќе им се обезбеди подобра и посветла иднина на идните генерации во двете држави и ќе се отворат нови можности во нашите општества. 

„Преку заедничката соработка ќе покажеме дека нашата стратешка цел да споделуваме заеднички вредности во НАТО и Европската Унија е нешто што ќе нè обединува во перидот што следи“ - истакна Ременски.

Парламентите се места каде се вкрстуваат дебатите за клучните прашања и затоа парламентарната дипломатија треба да го има своето соодветно место во секојдневното парламентарно работење. Во таа насока, потпретседателката Ременски го посочи зголемувањето на парламентарните финансии за реализација на оваа цел, покажувајќи ја посветеноста на Собранието на Република Македонија да докаже дека заедничката соработка и споделувањето на заемни искуства меѓу земјите е клучот за успешна перспектива  во иднина. 

Претседателот на Групата, г. Борис Вангелов, изрази задоволство од средбата со делегација од блиска и пријателска држава како Република Македонија и очекување дека активностите предвидени во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во доменот на инфраструктурата, особено коридорното поврзување, како и другите области наведени во Договорот, за кои одделни министерства на двете држави имаат веќе започнато конкретни активности, се прашања на кои ќе се посвети посебен интерес од двете страни во следните месеци. 

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Горан Мисовски, заблагодарувајќи се за несебичната поддршка на Република Бугарија, потенцираше дека Република Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО и ЕУ и изрази жалење за неможноста во изминатиот период за поблиска соработка меѓу двата Парламента. 

„Свесни дека национализмите и големите држави на Балканот треба да бидат минато и да работиме да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани, а историјата да ја оставиме на историчарите, е насока во која ќе се движиме за реализацијата на зацртаните активности и предвидените реформски процеси“, нагласи Мисовки. 

Тој ја искористи пригодата официјално да ја покани Групата за пријателство Бугарија-Македонија да оствари возвратна посета на Република Македонија.

Присутните беа согласни дека актуелните политичари го слушаат народот и со ратификацијата и стапувањето на сила на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, треба да се фокусираат на спроведување на предвидените цели во Договорот, бидејќи и двете земји ги обединува европското семејство и тоа е патот по кој треба да се движат во иднина. 

Делегацијата имаше можност да присуствува на пленарна седница на Народното собрание на Република Бугарија, каде беше пречекана со едногласен аплауз од сите присутни пратеници. 

Click