Активности

Петок, 13 септември 2019 година

Средба на Клубот на пратенички со директорката на МОФ, Рение Јотова

Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија вчера оствари средба со Рение Јотова, директорка на Меѓународната организација на франкофонијата (МОФ), одговорна за Централна и Источна Европа.

Во придружба на директорката  беа  и  Каталина Спину, соработник од регионалната канцеларија во Букурешт; националниот кореспондент за МОФ, Африм Јашари и Марија Николова, претставничката на Комисијата за франкофонија при МОН.

На средбата покрај членовите на Клубот на пратенички, присуствуваа и  генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Цветанка Иванова и Анастасика Поповска, којашто активно учествувала во креирањето на Клубот.

Средбата ја отвори претседателката на Клубот на пратенички, Ѓулумсер Касапи, а истата беше со цел да се разгледа можноста за понатамошна соработка.

Во воведното  обраќање, Касапи, ги запозна присутните со работата, досегашните активности, достигнувања и искуства на Клубот на пратенички. Таа истакна дека е горда на досегашните достигнувања, но дека сепак пред Клубот стојат уште многу предизвици и препреки кои треба да се надминат, а особено актуелниот говор на омраза кон жените во политиката.

Во своето излагање Јотова им честиташе на пратеничките за успесите во борбата за женските права. Таа се осврна и на 5. семинар на француски јазик со тема „Економско зајакнување на жените, улогата на жените претприемачи во земјите од Централна и Источна Европа: за предизвиците, напредокот и пречките“, кој МОФ и Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија го одржаа на 10 и 11 септември 2019 година, во просториите на Министерството за надворешни работи. Истакна дека на овој, но и на останатите семинари, е увиден напредокот на законодавните процеси во регионот, а особено во Република Северна Македонија. Ја пофали заложбата на пратеничките против говорот на омраза кон жените, а со самото тоа и против насилството врз нив, а особено ратификацијата на Истанбулската конвенција, и укажа дека токму тоа се вредностите кои Клубот на пратенички го поврзуваат со Франкофонијата.

Добредојде посака и генералната секретарка Цветакна Иванова, која ја истакна важноста на соработката на Клубот со меѓународните организации, особено оние како МОФ, со кои води исти борби, со исти цели и приоритети, а укажа и на почетните точки за заедничка соработка.

Во понатамошникот тек се разви дискусија во која се вклучија пратеничките: Снежана Калеска-Ванчева, Благица Ласовска, Мирсада Емини-Асани, Лидија Тасевска, Татјана Прентовиќ и Лилјана Затуровска. Во дискусијата пратеничките дадоа свои видувања за родовите прашања и разменија мислења за меѓународните практики во оваа област.

Click