Активности

Вторник, 17 април 2018 година

Средба на Комисијата за европски прашања со Делегација на Сенатот на Чешката Република 

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби, заедно со членовите и замениците на Комисијата остварија работна средба со Делегација на Сенатот на Чешката Република, предводена од г. Јири Шестак, потпретседател на Сенатот на Чешката Република. 

Во состав на Делагацијата, беа и претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Вацлав Хампл; претседателот на Комисијата за надворешна политика, одбрана и безбедност, г. Франтишек Бублан; повеќе членови на овие две Комисии од Чешкиот сенат, во придружба на амбасадорот, г. Мирослав Томан.

Господин Груби посочи дека средбата се случува во многу интересен момент, во светло на објавувањето на Извештајот за напредокот на земјата од страна на Европската комисија. Во тој контекст, тој истакна дека Европската комисија, како резултат на постигнатиот прогрес, безусловно ќе препорача отворање на преговорите за членство со Македонија. 

„Македонија со воспостувањето на новото реформско мнозинство, докажа дека може да биде успешна приказна и за релативно краток период да испорача резултати кои пријателите од Европската Унија ги препознаа и соодветно наградија“, рече г. Груби на средбата со своите чешки колеги.

Груби информираше дека чекорите што неодамна беа преземени, кои резултираа со потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, од нашите партнери во Европската Унија, се оценети како позитивен чекор напред и пример во регионот за начинот на изградба и унапредување на добрососедските односи. На истиот начин, во духот на добрососедство и заемно разбирање, се прават напори за надминување на спорот за името со Грција, при што, од страна на Груби беше оценето дека решението е поблиску од кога било. Стана збор и за заокружувањето на легислативниот елемент од Охридскиот договор, како особен придонес кон воспоставување на кохезивно и стабилно општество. 

Господин Груби ја истакна и скорешната конструктивност на опозицијата и нивната одлука да се вратат во работата на Парламентот за да дадат свој придонес во заокружувањето на реформските законски проекти во интерес на евроинтегративната иднина на Република Македонија.

Од страна на г. Груби не беше пропуштена можноста да побара и конкретна поддршка од Чешката Република за помагање на процесите кои ќе овозможат добивање покана за членство на Република Македонија во НАТО.

Денешна официјална посета на пратениците од Чешкиот сенат на Република Македонија, пратениците ја оценија како заедничка определба на двете држави, во духот на европските вредности на соработка, со што ќе се зајакнат комуникацијата, соработката и пријателството, кои ќе дадат дополнителни позитивни ефекти во развојот на односите меѓу двете држави.

Беше упатена искрена благодарност за чешката поддршка за Македонија и разбирање во овој клучен период за иднината на Република Македонија, при што беше потенцирано дека со ваквата помош и поддршката на останатите партнери во ЕУ е исклучително значајна за нашата земја, особено во контекст на исполнување на нашиот долгорочен стратешки приоритет – полноправно членство во ЕУ и НАТО.

На крајот од средбата беше заклучено дека посетата на чешката делегација пратениците ја гледаат како охрабрување и поддршка за евроатланските аспирации на Република Македонија.

Click