Активности

Четврток, 1 март 2018 година

Средба на Комисијата за финансирање и буџет со претставници на Државниот завод за ревизија и експерти во областа на ревизијата од земји членки на Европската Унија

Претседателот и членовите на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија одржаа средба со заменикот на главниот државен ревизор г. Насер Адеми, претставници од Државниот завод за ревизија на Република Македонија, претставник на Делегацијата на Европската Унија и претставници од Државниот завод за ревизија на Република Хрватска. 

На средбата се дискутираше за соработката помеѓу Собранието на Република Македонија и Државниот завод за ревизија, при што претседателот и членовите на Комисијата беа запознаени со твининг проектот финансиран од Пред-пристапниот инструмент на ЕУ-ИПА „Понатамошно зајакнување на капацитетите и ефикасноста на Државниот завод за ревизија за вршење на надворешна ревизија“ кој ќе се реализира во соработка со Националниот завод за ревизија на Република Бугарија, како партнер, заедно со Државниот завод за ревизија на Република Хрватска, како помлад партнер.

Во рамките на една од компонентите на овој проект, предвидено е зајакнување на капацитетите и соработката на Државниот завод за ревизија со Собранието на Република Македонија што е под особен мониторинг на Европската Унија и се однесува на анализата на фактичката состојба на разгледување на ревизорските извештаи од страна на Собранието, компаративна анализа на механизмите на разгледување на ревизорските извештаи во парламентите на земјите членки на Европската  Унија и подготвување на препораки за зајакнување на интерните процедури односно механизми во Собранието согласно најдобрите пракси од ЕУ. 

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Кузмановска, им посака срдечно добредојде на гостите и истакна дека заложба на сите политички чинители е да се зголеми соработката на Собранието со Државниот завод за ревизија, со цел да се зајакне контролната и надзорната функција на законодавната над извршната власт во трошењето на јавните средства.

Реализацијата на овој проект ќе обезбеди помош и поддршка на Собранието во воспоставувањето на механизми за разгледување на конечните ревизорски извештаи.

Свое обраќање на средбата имаа и заменикот на главниот државен ревизор, г. Насер Адеми,  претставникот на Делегацијата на Европската Унија, г-ѓа Паулина Станоева, г-ѓа Цвета Ристовска, помошник на главниот државен ревизор и г-ѓа Недиљка Рогошиќ, помошник на главниот државен ревизор во Државниот завод за ревизија на Република Хрватска.    


Click