Активности

Четврток, 14 септември 2017 година

Средба на Комисијата за финасирање и буџет со Постојаната мисија на Меѓународниот монетарен фонд

Членовите на Комисијата за финасирање и буџет на Собранието на Република Македонија одржаа средба со претставници на Постојаната мисија на Меѓународниот монетарен фонд во Република Македонија, во состав: г-ѓа Јасмин Раман, шеф на Мисијата; г. Јанис Халикиас и г-ѓа Фах Џирасаветакул.

На  средбата беа разменети мислења за економските показатели на Република Македонија, одржливоста на економските политики кои се водат, влијанието на политичките случувања врз развојот на македонската економија и водењето на фискалната политика во наредниот период.

Од страна на членовите на Комисијата за финансирање и буџет беше изразено задоволството од можноста за одржување на средба со претставници на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд при што беа изнесени мислења.

Се изнесе мислење дека политичката криза имаше негативно влијание врз македонската економија, бидејќи значаен дел од предвидените проекти се реализираа со намалена динамика и беше намален интересот на странските инвеститори за инвестирање во Република Македонија. Потребна е поголема транспарентност од страна на Владата на Република Македонија за кои цели ќе се користат средствата кои се добиваат од новите задолжувања. Во наредниот период за остварување на поголеми стапки на економски раст потребно е да продолжи реализацијата на инфраструктурните проекти, како и поголем извоз на македонските компании.

Беше истакнато дека е потребна поголема транспарентност за доделената државна помош на странските инвеститори, како и поголема поддршка на домашнтите компании преку низа мерки со кои ќе се стимулира нивниот развој и ќе се отвораат нови работни места. Во наредниот период се предвидува растот на македонската економија да се оставрува преку стимулирање на личната потрошувачка, наместо како досега со стимулирање на јавната потрошувачка. Се предвидува и промена во даночната политика преку воведување на прогресивен данок со цел да се оствари поправична распределба на јавните средства. Порастот на минималната плата во Република Македонија треба да овозможи и пораст на просечната плата во останатите сектори, со што ќе се овозможи раст на личната потрошувачка и раст на македонската економија.

Исто така, беше изнесено мислење дека македонската економија подолг период е неконкурентна на странските пазари и ваквата состојба почна делумно да се подобрува со влезот на странските директни инвестиции кои донесоа нова технологија и знаење во индустриското производство. Порастот на јавните инвестиции и привлекување на нови странски инвестори треба да овозможат раст на македонската економија.

Се истакна дека целта на Ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2017 година беше адаптација на тековната сосотојба во македонската економија и реалната можност за реализација на проектите кои беа предвидени со Буџетот за 2017 година.

Беше иснесено мислење дека со Буџетот на Република Македонија за 2018 година треба да започне консолидација на јавниот долг и да се остваруваат поголеми стапки на економски раст. Покрај јавните инвестиции потребен е раст на македонскиот извоз, поттикнување на претприемништвото и развојот на приватната иницијатива.

На крајот, средбата беше позитивно оценета, со надеж дека ваквите средби ќе продолжат и во иднина, бидејќи овозможуваат размена на мислења и запознавање со политиките кои се преземаат, како од страна на Република Македонија, така и од Меѓународниот монетарен фонд.

Click