Активности

Вторник, 17 април 2018 година

Средба на Комисијата за надворешна политика со Делегација на Чешката Република предводена од г. Јири Шестак, потпретседател на Сенатот 

Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија денеска оствари средба со Чешка делегација, предводена од г. Јири Шестак, потпретседател на Сенатот на Чешката Република. 

На средбата, со која претседаваше г. Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за надворешна политика, а присуствуваа членовите на Комисијата: Ивана Туфегџиќ, Јагода Шахпаска, Илија Николовски, Ане Лашкоска и Емилија Александрова, беше истакнато дека дипломатските односи меѓу двете земји, ги карактеризира пријателство и соработка во повеќе полиња.    

Претседателот Милошоски ја поздрави континуираната поддршка што Чешка ѝ ја дава на Македонија кон аспирациите за НАТО и Европската Унија.

Потпретседателот на Сенатот, г. Јири Шестак, изрази задоволство од средбата, во еден исклучителен момент за Македонија, во исчекување на Извештајот за напредокот на Република Македонија од страна на Европската комисија за 2017 година, со надеж за позитивна и безусловна препорака за отпочнување на преговорите со Унијата. 

Тој посочи дека Чешка не е само пасивен набљудувач, туку и активно учествува во подржување на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан.

Секој извештај на Европската комисија ги истакнува добрососедските односи како перспектива за понатамошно приклучување во ЕУ.

Исто така, присутните разменија искуства во однос на прашањето за македонската дијаспора и како таа комуницира со својата матична земја, младинските прашања и нивниот стандард и усвоената Националната стратегија за дијаспората како еден вид линк меѓу Македонија и иселениците.

Во дискусиите уште еднаш беше потенцирана потребата за добивање на датум за преговори за ЕУ членство на Република Македонија од страна на Советот на ЕУ, бидејќи земјата посветено работи на европските реформи, и како резултат на тоа, во повеќе наврати, добива препораки за почеток на преговорите од страна на Европската комисија.  

Click