Активности

Среда, 30 август 2017 година

Средба на Комисијата за одбрана и безбедност со британска делегација

Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Македонија, оствари средба со Делегација од Велика Британија, предводена од вишиот советник за одбрана и безбедност на Одделението за стабилизација, г. Стефан Гловер.

Во воведното обраќање, претседателот на Комисијата, г. Максим Димитриевски, посакувајќи им добредојде на гостите, ги запозна со составот и надлежностите на Комисијата. Истовремено, тој ги оцени односите со Велика Британија како традиционално пријателски, упатувајќи благодарност за поддршката за членство во Европската Унија и НАТО и употребата на уставното име.

Во фокусот на разговорите беше изработката на новиот, втор Стратешки одбранбен преглед и како Велика Британија би помогнала во реализирањето на истиот, преку споделување на искуства, заеднички интереси, долгорочно партнерство, едукација на кадар, логистичка, техничка и финансиска поддршка.

Исто така, беше потенциран придонесот на нашата земја во мировните мисии на НАТО и справувањето со мигрантската криза, и во тој контекст стратешката цел на Република Македонија да стане 30-та членка на Алијансата.

Во својата прва посета на Република Македонија, г. Гловер, се заблагодари за гостопримството и можноста за средби со лица од различни институции и изрази подготвеност за размена на искуства и помош во изработката на Стратешкиот одбранбен преглед, како документ со кој треба да се погледне наназад, но пред сè да се мапира што треба да се направи во иднина во областа на одбраната и безбедноста на Република Македонија. 

Присутните изразија уверување за придонесот на Комисијата за одбрана и безбедност во изработката на Стратешкиот одбранбен преглед, со политички и етнички консензус.

Click