Активности

Вторник, 17 септември 2019 година

Средба на Комисијата за одбрана и безбедност со претседателот на државата, Стево Пендаровски

Членовите и заменик-членовите на Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието на Република Северна Македонија, вчера во Вилата Водно остварија средба со претседателот на државата, Стево Пендаровски.

На средбата се разговараше за актуелната безбедносна ситуација во земјата и Регионот, реформите во безбедносно-разузнавачкиот систем и системот за следење на комуникациите кои се спроведуваа преку Комисијата за одбрана и безбедност, односно Собранието, следните активности на Комисијата, како и за важноста од членството на нашата држава во НАТО Алијансата.

Претседателот Пендаровски потенцираше дека добро е што реформите во безбедносната сфера се поддржани и од власта и од опозицијата. Воедно, ги информираше присутните дека досега 22 држави го завршија процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство на Северна Македонија во НАТО, додека кај преостанатите седум земји членки нема политички пречки процесот да се заокружи.

Претставниците на Комисијата за одбрана и безбедност го информираа претседателот Пендаровски за тековната работа на Комисијата, за носењето на законите од безбедносната сфера и идните активности на Комисијата. Истовремено, позитивно ја оценија можноста за средба со претседателот на државата и ја нагласија неговата улога за надминување на поделбите во општеството.

Претседателот Пендаровски ја истакна својата отвореност за соработка со Комисијата за одбрана и безбедност и го посочи значењето на Собранието во реализацијата на реформската агенда. Посочи дека и во иднина редовно ќе се одржуваат заеднички координации и ќе има редовна комуникација со Комисијата.

Click