Активности

Петок, 17 ноември 2017 година

Средба на координаторите на политичките партии со генералниот секретар на ОБСЕ Гремингер

Координаторите на пратеничките групи во Собранието на Република Македонија денеска остварија средба со генералниот секретар на ОБСЕ, г. Томас Гремингер, кој е во дводневна работна посета на Македонија. 

На средбата беа присутни: г. Томислав Тунтев од СДСМ, г. Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ , г. Африм Гаши од Движењето БЕСА и претставникот од ДУИ, г. Реџаиљ Исмаили.

Генералниот секретар на ОБСЕ Гремингер во своето воведно излагање изрази благодарност за можноста за оваа средба, упатувајќи пофалби за надминување на политичката криза во земјата, како и поддршка од страна на ОБСЕ за отпочнатите реформи.

Тој ги истакна позитивните забелешки за неодамна спроведените локални избори како фер и демократски, но потсети и на низа големи предизвици кои ќе претстојат во наредниот период.

На средбата соговорниците раменија мислења во однос на следниве прашања: јакнење на улогата на парламентот, неговата надзорна функција, надминување на политичката поларизација преку дијалог меѓу партиите, потребата од измени на Деловникот на Собранието и етичкиот кодекс за однесување на пратениците како рамка за поефикасно и попрофесионално извршување на работата.

Присутните се согласија дека Собранието е место каде треба да се носат најважните и најесенцијалните одлуки кои имаат директно влијание врз животот на граѓаните, а јакнењето на надзорната функција на парламентот ќе го подигне авторитетот и дигнитетот на функцијата пратеник.

На крајот од средбата, генералниот секретар Гремингер се заблагодари за продуктивната дискусија, притоа посочи дека политичката поларизација ќе биде надмината ако сите пристапат кон обединета агенда за реформи на оваа земја.

Click