Активности

Вторник, 3 јули 2018 година

Средба на потпретседателите Мисовски и Мемеди со Василика Хиси, потпретседателка на Собранието на Албанија 

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија и претседавач на Управувачкиот одбор на Парламентарниот институт, Горан Мисовски и Весел Мемеди, потпретседател на Собранието, денеска имаа средба со Делегација на Собранието на Албанија, предводена од потпретседателката Василика Хиси. 

Мисовски го пренесе искуството од функционирањето на Парламентарниот институт и порача дека ова тело мора да се формира со консензус  меѓу позицијата и опозицијата, а власта не смее да има влијание врз неговата работа. Во Република Македонија, Парламентарниот институт е граден врз искуството на Чешка и Словачка. Во нашето Собрание, рече Мисовски, тој функционира беспрекорно и е голема стручна помош на пратениците и службите.

Потпретседателот на Собранието на Албанија ја нагласи поддршката која ја имаат од НДИ за формирање на Парламентарниот институт. Исклучително значење даваат на соработката со Собранието на Република Македонија. 

Оваа соработка, според Василика Хиси, е особено значајна во макотрпниот процес кој е пред двете држави, а тоа е скринингот и усогласувањето со европското законодавство. Таа упати честитка за постигнатиот договор со Грција и рече дека името веќе нема да биде пречка на патот на Република Македонија кон НАТО.

Пратеничката од опозицијата  во Собранието на Албанија, Дурага Чупи, истакна дека власта  во Албанија ја има силната поддршка од парламентарната опозиција. Подготвени се за соработка, бидејќи ова е значаен период за нас.

Потпретседателот Мисовски ја потенцираше определбата за ЕУ и НАТО и истакна дека се чекори по тој пат. Изрази надеж дека ова ќе биде наша реалност, а не сон и убеденост дека Македонија нема друг пат. Сценарио Б нема иднина за РМ, и ние, рече, сме на вистинскиот пат. Очекува референдумот да се одржи во втората половина на септември и повеќе од 70% од граѓаните да дадат своја поддршка.

Присутните ги поздрави и Весел Мемеди, потпретседател на Собранието, кој на Делегацијата ѝ посака успешна работа и понуди целосна поддршка и помош на колегите од Собранието на Албанија за формирање на Парламентарен институт.

Click