Активности

Петок, 12 јули 2019 година

Средба на потпретседателката Фросина Ташевска-Ременски со финскиот амбасадор Кимо Лахдевирта

Потпретседателката на Собранието на Република Северна Македонија, Фросина Ташевска-Ременски, оствари средба со Кимо Лахдевирта, нерезидентен амбасадор на Република Финска, со седиште во Белград.

Соговорниците изразија задоволство од можноста да се сретнат и да разговараат за актуелната општествена состојба, европските перспективи и продлабочувањето на соработката меѓу двете пријателски земји.

Притоа, потпретседателката Ташевска-Ременски се заблагодари за помошта од Финска на евроатлантскиот пат на земјава и изрази надеж дека дипломатското искуство на амбасадорот Лахдевирта ќе придонесе кон подобрување на билатералните односи.

Таа го информира гостинот дека во Собранието постои Пратеничка група за пријателство со Република Финска, што е само потврда за тоа дека нашата земја гледа во Финска како исклучителен партнер. Рангирањето на Финска на првото место по демократија и владеење на правото, е само охрабрување и мотивирање за градење мостови на пријателство и преземање добри практики. Од Финското претседателство со Советот на ЕУ, очекува да го задржи фокусот на евроинтегрирање на земјите од Балканот.

За нас, членството во НАТО е сериозна пригода за стабилизирање и развој, која дополнително ќе ги охрабри странските инвеститори, што ќе значи подобар животен стандард и брз економски развој, рече потпретседателката Ташевска-Ременски. Во однос на Договорите и односите со Грција и Бугарија, таа истакна дека паралелно со политичките процеси, треба дополнително да се работи на јавното мислење и зближување на цивилните општества, за надминување на предрасудите, стереотипите и некое минато непријателство.

Од своја страна, финскиот амбасадор Кимо Лахдевирта, со импресии од напредокот на земјава, упати честитки за постигнатите Договори со Бугарија и Грција, оценувајќи ги како пример за другите земји како може со добра волја да се постигнат решенија. Тој го оцени НАТО членството како добар чекор кон стабилност и сигурност и изрази надеж дека во октомври ќе добиеме заслужен датум за почеток на преговори со ЕУ, како инвестиција во иднината не само за нашата земја, туку и за Европа.

Двете страни ги потенцираа потенцијалите за меѓусебна соработка, посебно во сферите на едукацијата, трговијата и економијата, а амбасадорот Лахдевирта упати уверување дека ќе се заложи за продолжување и создавање нови можности. 

Click