Активности

Вторник, 17 април 2018 година

Средба на потпретседателката Ременски со Чешка делегација

Потпретседателка на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, оствари средба со Чешка делегација, предводена од г. Јири Шестак, потпретседател на Сенатот на Чешката Република.

На средбата присуствуваа и потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Весел Мемеди и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, г. Драган Данев.

Потпретседателката Ременски ги запозна гостите со политичката агенда на Собранието и неговата улога во реализација на севкупните стратешките интереси на земјата кон нејзиниот евроатлански пат.

Таа се заблагодари на досегашната поддршка од Чешката Република на нашиот пат кон ЕУ и НАТО и се осврна на значењето и важноста на парламентарната дипломатија, зајакнувањето на независноста на Собранието и неговата надзорна и контролна функција над извршната власт, како и потребата од самостоен буџет и контрола над безбедносните служби, што е мошне значајно за јакнење на демократското општество. 

Потпретседателката на Македонското собрание, исто така, го потенцираше и исчекорот во реформските процеси по завршувањето на политичката криза, прашањето за правата на заедниците, значењето на добрососедските односи, како што е договорот со Република Бугарија и напредокот во преговорите со Република Грција, и во таа насока го нагласи значењето на Извештајот на ЕУ за Република Македонија, за кој изрази надеж дека ќе биде мошне позитивен. 

„Заедно да градиме европска иднина и да учиме од минатото“ - потенцираше на крајот Ременски.

Потпретседателот на Чешкиот сенат, г. Јири Шестак, во името на Делегацијата која ја предводи, се заблагодари за топлиот и пријателски прием и искажа почит за досега стореното во справувањето со предизвиците низ бурната историја на Република Македонија.

Тој ја изрази својата надеж дека Република Македонија ќе има многу покус и полесен пат до целосна интеграција во ЕУ и НАТО, а Чешка, како пријателска земја, секогаш ќе биде на тој пат за да помогне. 

На крајот, соговорниците беа согласни во подготвеноста да дадат придонес кон интензивирање и зајакнување на меѓусебната соработка и во наредниот период.  

Click