Активности

Петок, 27 јули 2018 година

Средба на потпретседателот Мисовски со романската премиерка Данчила

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, Горан Мисовски, денеска оствари средба со претседателката на Владата на Романија, Н.Е. Виорика Данчила. Мисовски ја поздрави делегацијата во име на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери. Тој изрази надеж дека Република Македонија ќе ја има силната поддршка од Романија во евроатлантскиот процес, а особено од јануари 2019 кога Романија го презема претседавањето со ЕУ. 

Република Македонија, нагласи Мисовски, нема сценарио Б, единствена опција е членство во ЕУ и НАТО, и за тој сон ќе работиме со сета сила и енергија. Позицијата и опозицијата, рече, не се разликуваат во стратешките цели и има приближување на ставовите на власта и опозицијата за денот на одржување на референдумот. Мисовски изрази надеж дека ќе се усогласи и референдумското прашање. Република Македонија, посочи потпретседателот на Собранието, мора да го изоди  патот кон полноправно членство. Ја нагласи потребата од поголема соработка меѓу двата Парламента, како и соработка на полето на земјоделството и економијата. 

Романската премиерка, Виорика Данчила, се согласи дека двете држави имаат потенцијал да  остварат поголема соработка на сите полиња, потенцирајќи го земјоделието, образованието, културата и туризмот. Таа упати честитка за добиената покана за НАТО и силна поддршка и помош за интеграциите на Република Македонија и ЕУ со преземањето на претседателството со ЕУ. Ја нагласи важноста во овој процес да бидат вклучени сите, прашањата треба да е решаваат со консензус, а граѓаните да бидат информирани. Вети и понуди соработка и техничка помош при отворањето на поглавјата. Премиерката на Романија изрази надеж дека референдумот ќе биде успешен и дека пред Република Македонија стои голем успех, а граѓаните ќе сакаат нивната земја да биде членка на ЕИ у НАТО. 

Пратеникот Благоја Деспотовски смета на голема поддршка од Романија на патот кон ЕУ и НАТО.

На средбата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Click