Активности

Среда, 23 јануари 2019 година

Средба на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Црна Гора со претседателот на Парламентот на Црна Гора, Иван Брајовиќ

Лилјана Кузмановска, претседателка на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Република Црна Гора, и членовите на Пратеничката група, остварија средба со претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Иван Брајовиќ.

Претседателката Лилјана Кузмановска изрази задоволство од досегашната соработка и се заблагодари за поддршката од страна на Црна Гора за нашите евроатлантски аспирации. Она што беше неопходно за членство во НАТО е направено и сега се очекува ратификација во Парламентот на Грција. Висока е цената која ја плати Македонија за влез во НАТО, рече Кузмановска, процесот е болен, но сега визионерски треба да се гледа на иднината. Укажа дека добрите политички односи треба да ги следат и добри економски односи и поголема соработка. 

Претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Иван Брајовиќ, ги посочи извонредните односи меѓу двете држави и искрено се радува на секој успех на Македонија. Брајовиќ рече дека Црна Гора ќе биде меѓу првите држави кои ќе го ратификуваат договорот за влез на Македонија во НАТО. Укажа на позитивните ефекти за Црна Гора од членството во НАТО. Во 2018 година директните странски инвестиции од земјите членки на НАТО се зголемени за 118%, а бројот на туристите за 25%. Ова, рече, е доказ дека е избран вистинскиот и најдобриот пат. 

Пратеничката Ивана Туфегџиќ укажа дека Македонија помина бурен историски период, за што е убедена дека се правилни постапките. Се заложи во ЕУ, земјите од Западен Балкан да застанат заеднички и да се затворат прашањата од минатото. Нè обединува рече, Берлинскиот процес, а Македонија е прва земја која има Клуб на млади парламентарци. Туфегџиќ го отвори прашањето за мрежа на Клубови на млади кои ќе соработуваат во Европскиот парламент. Иднината е, посочи, решавање на проблемите на младите кои имаат визија да стигнат каде сакаат. 

Пратеничката Мирсана Емини-Асани посочи дека главна заложба на нејзината партија е интеграцијата во ЕУ и НАТО, бидејќи основна цел на сите е развиена држава. Taa побара поумерени ставови кога се работи за употребата на Законот за јазици за да нема поделби и поларизација.Претседателот на Собранието на Република Црна Гора, Иван Брајовиќ, се заложи за интензивирање на парламентарната соработка и упати покана до Пратеничката група за официјална посета на Црна Гора, што беше со задоволство прифатено.

Click