Активности

Петок, 1 ноември 2019 година

Средба на пратеникот Китев со италијанскиот амбасадор Ромео

Пратеникот Бетиан Китев, во својство на претседател на Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентот на Италија, денеска оствари средба со Карло Ромео, амбасадор на Италија во Република Северна Македонија.

На почетокот на средбата, Китев посочи дека разбирливо постои големо разочарување од одлуката на Европскиот совет да го одложи одредувањето на датум за почеток на преговорите со Република Северна Македонија. Немаме проблем со евентуално нова методологија за пристапните преговори, но неприфатливи се било какви евентуални алтернативи на процесот на приклучување, рече Китев.

Тој упати благодарност до Италија за континуираната силна поддршка за добивање датум за преговори со Европската унија, иницијативата на италијанскиот премиер Конте да ја реафирмира важноста на проширувањето и значајноста на потребата Република Северна Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, како и за неодамнешната ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО од страна на Италијанскиот сенат.

Амбасадорот Ромео посочи дека ја дели разочараноста за одложување на датумот за почеток на преговорите со Република Северна Македонија, дека тоа е историска грешка и дека ќе направат сѐ за тоа да се поправи, заедно со останатите ЕУ земји. Истовремено, побара реафирмирање на прашањето што поскоро на следниот состанок на Европскиот совет.

Пратеникот Китев, истакнувајќи ја важноста на парламентарната дипломатија, упати покана до Сенаторот д`Алфонсо за посета на Македонскиот парламент до крајот на годината, како и можност за возвратна посета во Рим од Групата од земјите од регионот, составена од Северна Македонија, Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора, што наиде на поддршка од страна на амбасадорот Ромео.

На крајот, Китев потенцираше дека ЕУ интеграциите ќе останат да бидат врвен стратешки приоритет на Владата и на Собранието, затоа што нашата земја е дел од Европа и нема никаква друга алтернатива на форматот полноправна членка на ЕУ.

Click