Активности

Вторник, 5 ноември 2019 година

СРЕДБА НА ПРАТЕНИКОТ НИКОЛА ПОПОСКИ СО ДЕЛЕГАЦИЈА ОД ЕВРОПСКИОТ ЕКОНОМСКО СОЦИЈАЛЕН КОМИТЕТ

Пратеникот Никола Попоски во својство на претседател на Националниот совет за евроинтеграции вчера оствари средба со делегација на Европскиот економско социјален комитет (ЕЕСК) предводена од Драгица Мартиновиќ Џамонја претседавач на Комисијата за следење на Западен Балкан, членот Даива Кведараите и Давид Хоиќ од секретаријатот на Одделот за надворешни врски.

На почетокот на средбата делегацијата на ЕЕСК ја презентираше институционалната поставеност на организацијата со седиште во Брисел во која учествуваат 350 членови од различни економско-социјални групи на интерес во Европската унија. ЕЕСК е консултативно тело и формална платформа за ЕУ прашања чии мислења се адресираат до Советот на ЕУ, Европската комисија и Европскиот парламент. Делегацијата информираше дека ЕЕСК на пленарна сесија на 31 октомври годинава усвои Резолуција за отварање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија “Кредибилитетот на ЕУ и стратешки интереси кои треба да се поддржат”. ЕЕСК е длабоко разочаран од одлуката на лидерите на ЕУ за натамошно одложување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, на Советот од 17 и 18 октомври годинава, поради недостаток на консензус меѓу земјите-членки на ЕУ.
Соработката на ЕЕСК со нашата држава е на билатерално ниво, а по отворањето на преговорите ќе функционира Заеднички консултативен комитет како платформа меѓу ЕЕСК и граѓанскиот сектор во Македонија.

Со оглед на недонесувањето на одлука за почеток на преговорите, делегацијата на ЕЕСК се интересираше: како понатаму ќе продолжи имплементацијата на реформите во клучните области, очекувањата од предвремените парламентарни избори, спроведувањето на Преспанскиот договор, соработката со граѓанското општество.  

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски оцени дека  недонесувањето на одлуката за почеток на преговорите е погрешно со оглед дека државата помина низ екстремно тешка одлука со промената на Уставот. Сепак, одлуката од октомврискиот самит на ЕУ нема да има директен ефект врз спроведување на реформите во нашата држава. Одлуката на Советот на ЕУ да не додели датум ќе се одрази регионално и на Србија и Црна Гора кои веќе преговараат, а замената за членството во ЕУ со шенген соработка во регионот не е кредибилна. Попоски укажа дека до следниот состанок на Советот на ЕУ треба да имаме многу интелегентен пристап, и не е убеден дека ако се прави притисок тоа е најдобриот начин.

На средбата Попоски се осврна на прашањата околу недостатокот на директни странски инвестиции, квалификувана работна сила, невработеноста и иселувањето кај младите, очекуваното лимитирање и регрутирање на квалитетен кадар во администрацијата. Во поларизирано општество има потреба од критичко мислење особено кај граѓанскиот сектор каде има кредибилна експертиза и сериозен активизам. Позитивен пример за граѓански активизам е будењето на еколошката свест за последиците од се поголемото загадување на воздухот.

Драгица Мартиновиќ Џамонја укажа дека треба да се размислува за зголемување на техничката поддршка на ЕУ за справување со загадувањето на воздухот во државата, и информираше дека веќе во Брисел се разговара за т.н. Green Deal for Europe на новата Европска комисија. Сега е време да се разговара за регионален пристап на овој договор и како истиот да придонесе за нашата држава.

Европскиот економски социјален комитет очекува реформите да продолжат да се спроведуваат во државата и покрај разочараноста на граѓаните од недобивањето на датумот за преговорите. Постои неизвесност што ќе се случува во ЕУ, поставеноста на трите клучни европски институции, Брегзит, позицијата на Франција за реформите на Унијата.

На крајот на средбата, беше реафирмирана поддршката на Европскот економски социјален комитет за интеграција на нашата држава во Европската унија.

Click