Активности

Понеделник, 8 април 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО АНЏЕЛО ФАРУЏА, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПРЕТСТАВНИЧКИОТ ДОМ НА РЕПУБЛИКА МАЛТА И ИРАКЛИ КОБАХИЅЕ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ПАРЛАМЕНТОТ НА ГРУЗИЈА

На маргините на 140. Собрание на ИПУ, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери оствари билатерални средби со Анџело Фаруџа, претседател на Претставничкиот дом на Република Малта и Иракли Кобахиѕе, претседател на Парламентот на Грузија.

На средбата со г. Кобахиѕе, претседателот Џафери изрази задоволство од воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Грузија во февруари оваа година и истакна дека, со овој чин во голема мера ќе се унапредат политичките односи и вкупната соработка на билатерален и мултилатерален план. Претседателот Џафери исто така подвлече дека двете земји споделуваат иста стратешката определба за членство во ЕУ и НАТО, при што го запозна соговорникот со активностите кои ги презема Република Северна Македонија за полноправно членство во НАТО и отворање на пристапните преговори со ЕУ. 

Г. Кохабиѕе истакна дека воспоставувањето на билатералните дипломатски односи со Република Северна Македонија е чекор напред кон зајакнувањето на заемната поддршка и соработка во сите области. Тој се осврна на парламентарната соработка и размена на искуства, при што ја спомна посетата на нашето Собрание со цел запознавање со активностите, функционирањето и услугите кои ги нуди нашиот Парламентарен институт. 

На средбата со г. Анџело Фаруџа, претседателот Џафери истакна дека по воспоставувањето на дипломатските односи во 2016 година, односите и соработката се унапредија значајно во сите домени од заеднички интерес, особено во контекст на европските интеграциски процеси на Република Северна Македонија. Тој се заблагодари на безрезервната поддршка што Република Малта и ја дава на Република Северна Македонија во процесот на отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и нагласи дека искуството на Малта би било многу корисно за нашата земја во процесот на ЕУ интеграцијата и токму во оваа насока има простор за размена на искуства и добри практики на ниво на институции и служби. Воедно, претседателот Џафери подвлече дека парламентарната соработка го отвора патот на владите понатаму да ја конкретизираат соработката со потпишување на спогодби и имплементација на истите. 

Г. Фаруџа упати честитки до Република Северна Македонија за достигнувањата во процесот на евроатланската интеграција и додаде дека, Малта ќе ја поддржи нашата земја за членство во Европската унија и воедно ќе и помага низ целиот процес преку разни форми на размена на искуства, добри практики и стипендии за службениците за стажирање во нивните институции.  

Претседателот Џафери информираше за активностите на Собранието како и за текот на претседателските избори. Подвлече дека, во јуни се очекува нашата земја да добие датум за отпочнување на преговори со ЕУ, што ќе испрати јасен сигнал за европската иднина на Република Северна Македонија и нејзините граѓани. Тој ја поздрави заинтересираноста на соговорникот за доделувањето на стипендии за службата за обучување на теми кои се однесуваат на улогата на парламентот во процесот на пристапување во ЕУ.

Click