Активности

Среда, 12 јули 2017 година

Средба на претседателот Џафери со босанската амбасадорка Бабиќ

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери денеска оствари средба со амбасадорката на Босна и Херцеговина во Република Македонија, г-ѓа Лепа Бабиќ.

На почеткот на средбата, амбасадорката му честита на г. Џафери за изборот за претседател на Собранието на Република Македонија, при што претседателот на Собранието, г. Џафери се заблагодари за честитките и поддршката што ја доби од Парламентот на Босна и Херцеговина.

Во текот на средбата, претседателот Џафери истакна дека двете земји заемно се поддржуваат на патот кон евроатлантските интеграции и се силно определени преку соработка во сите области - култура, образование, безбедност итн., да дадат значаен придонес кон заедничкото интегрирање во ЕУ и олеснување на меѓусебната комуникација во сите сфери на општественото живеење.

Амбасадороката Бабиќ, на средбата, главен акцент стави на подобрување на парламентарната соработка меѓу двете страни и посебен осврт даде на значењето на неколку билатерални договори меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, кои се во завршна фаза и кои ќе придонесат за подобрување и олеснување на меѓусебната комуникација на двете земји, како и подобрување и интензивирање на економската соработка.

Претседателот на Собранието, г. Џафери  истакна дека ќе се фокусира на парламентарната дипломатија, и во таа насока ќе се работи да се зајакнат директните комуникации на соработка на сите нивоа, со што ќе се придонесе за продлабочување на севкупните пријателски односи.

На крајот на средбата, и двајцата соговорници се согласија за неопходноста од понатамошна директна и пријателска комуникација меѓу двете страни и изразија надеж дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина. 

Click