Активности

Петок, 15 март 2019 година

СРЕДБА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ СО ДЕЛЕГАЦИЈА НА ПОТКОМИТЕТОТ ЗА ТРАНЗИЦИЈА И РАЗВОЈ НА ПС НА НАТО

Денеска, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Талат Џафери, се сретна со членовите на Делегацијата на поткомитетот за транзиција и развој на ПС на НАТО кои се тука на дводневна работна посета. Целта на нивната посета се средби со домашниот државен врв и непосредни разговори за информирање за политичката ситуација во земјата, регионалните односи, економските реформи и односи со НАТО, за да можат потоа да изготват Извештај кој што ќе биде разгледан на есенската сесија на НАТО во Лондон.

Претседателот Џафери, изрази благодарност до Делегацијата за покажаниот интерес и тоа во ваков клучен момент за земјата, кога се прават завршните чекори пред полноправното членство во НАТО и отворањето на преговорите за членство во Европската унија. Во минатиот период земјава се наоѓаше пред навистина тешки меѓутоа неопходни одлуки, кои мораа да се донесат за доброто на граѓаните и за доброто на државата, имајќи предвид дека членството во НАТО и ЕУ се наши стратешки определби за кои постои широк политички консензус уште од самото осамостојување. Тој ги информираше членовите на Делегацијата за забрзаната динамика на ратификацијата на Протоколот во националните парламенти и констатираше дека проактивното вклучување во настаните на НАТО, во мисиите на НАТО ја демонстрира на дело нашата подготвеност и заинтересираност да соработуваме и придонесуваме во стабилноста и безбедноста на регионот на рамноправен, ефективен и транспарентен начин.

Членовите на Делегацијата се заблагодарија за можноста за средба со претседателот на Собранието и се интересираа конкретно за активностите на Собранието во насока на донесување на реформските закони. Госпоѓа Армонаите подвлече дека иако е направено многу во однос на реформите за НАТО, сигурна е дека тоа не е крајната цел, односно целосното евроатланско интегрирање е, и затоа го запраша претседателот Џафери за тоа кои се клучните реформи кои треба се направат во иднина.

Претседателот Џафери опширно образложи дека три се областите во кои се работи моментално, односно правда, безбедност и медиуми. Во однос на првата област, каде што спаѓаат и човековите права и слободи, веќе е донесен нов инклузивен Закон за борба против дискриминацијата според нотираното во извештајот на Европската Комисија а донесени се и првата група двотретински закони за судовите и обвинителството, се прават консултации за донесувањето на втората група двотретински закони за кривичниот законик и специјалното обвинителство. Во однос на реформите  во безбедноста, донесен е закон со кој се формира Оперативно Техничка Агенција, со нов систем на контрола на прислушувањето а на надлежните собраниски комисии им се зголемува одговорноста во однос на надзорот на работата на оваа Агенција и веќе се поднесуваат првите извештаи. Што се однесува на медиумите, веќе има нов дополнет и изменет Закон за медиуми.

Членовите на Делегацијата се интересираа и за воениот капацитет и подготвеноста на Армијата на Република Северна Македонија за приклучување на НАТО, за  соработката со другите парламенти во регионот и пошироко, и за тоа колку нашето полноправно членство во НАТО и ЕУ ќе придонесе на младите и интелектуални сили да им се отвори патот кон светот или пак да се анимираат да останат и го дадат својот придонес во земјата, на што Претседателот Џафери одговори дека одливот секако не може да се спречи затоа што слободата на движење е неспорна меѓутоа, безбедноста, напредокот и стандардот што се воспоставува со нашето евроатланско интегрирање, секако ќе направи напите млади да се враќаат или пак да не заминат воопшто. 

Click