Активности

Четврток, 29 јуни 2017 година

Средба на претседателот Џафери со шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје амбасадорот г. Димитрис Јанакакис 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со шефот на Канцеларијата за врски на Република Грција во Скопје амбасадорот, г. Димитрис Јанакакис.

Претседателот Талат Џафери му посака добредојде на амбасадорот на Република Грција и изрази задоволство од добрите сигнали и знаци за продлабочување на соработката помеѓу двете држави по неодамнешната посета на министерот за надворешни работи, г. Димитров на Атина. 

Претседателот на Собранието, г. Џафери изрази подготвеност да ја реафирмира поканата до претседателот на Парламентот на Грција, г. Николаос Вуцис, за посета на Република Македонија, како и можноста за средби на маргините на меѓународните парламентарни состаноци. Истовремено, тој информираше дека Собранието на Република Македонија редовно формира Пратеничка група за соработка со Парламентот на Република Грција.

Честитајќи му го изборот за претседател на Собранието, амбасадорот г. Димитрис Јанакакис потсети дека и претседателот на Парламентот на Грција, г. Николаос Вуцис, упатил честитка за изборот на г. Џафери. Тој оцени дека освен проблемот со името, меѓу двете земји нема други отворени сериозни прашања, а редовната комуникација и контакти можат да придонесат за побрзо решавање на овој проблем. Република Грција го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на својот сосед и посакува успех во евроатлантските аспирации. 

Според амбасадорот, мерките за градење на доверба меѓу двете земји досега дале мерливи резултати во повеќе области, но постојат уште можности за унапредување на билатералната соработка.  

Претседателот г. Џафери изрази надеж дека ќе биде изнајдено решение за единственото прашање што стои на патот на членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО.  

На крајот од средбата, соговорниците се согласија за потребата за почести средби меѓу претставниците на двете земји, кои ќе придонесат во добрососедските односи и подобрувањето на перцепцијата меѓу народите.

Click